Eкспериментален и ограничен систем ВАР во ракометот

61

Данската ракометна федерација сезонава отиде чекор напред во однос на другите и во натпреварите од домашниот шампионат воведе видеотехнологија како помош за судиите. Станува збор за експеримент што ни оддалеку не личи на системот видеопомошник-судија (ВАР) во фудбалот, но, сепак, е некаков почеток за имплементација на нешто ново што би му користело на ракометот. Овој тип видеотехнологија ќе може да се користи само на натпреварите од кои ќе се врши директен ТВ-пренос, поради техничките можности за враќање на снимката.

Меѓу ситуациите што Данците ќе ги третираат со виде-технологијата се дали топката ја минала гол-линијата, дали играч треба да добие исклучување, црвен или син картон, да бараат помош особено во последните 30 секунди, во кои важат други правила. Но видеотехнологијата нема да третира чести тренерски реакции, како тоа дали било пробивање или прекршок во одбрана, дали имало чекори, престап и слично.

Останува да се почека крајот на сезоната и да се види дали овој систем навистина нуди предности, колку е сето тоа практично, дали има позитивни страни и дали вреди да се имплементира и во другите национални првенства.

За потсетување, видеотехнологијата не е новост во ракометот. Своја официјална примена имаше на последното Европско првенство во Хрватска, кое се играше во јануари годинава, а претходно на некои натпреварувања за репрезентации имаше технологија за гол-линијата.