Зорица Блажевска/Фото: Фејсбук-страница на Металург

По одлуката за суспензија на РК Металург и од домашното првенство

Откако ја доби суспензијата за настап во европските натпревари, македонскиот ракометен клуб Металург, расадникот на таленти, кој остави траен печат на европската ракометна сцена со своите настапи, доби суспензија од Европската ракометна федерација (ЕХФ), која се однесува и на настап во домашната Суперлига. Причината за ваквата одлука се двете тужби од ракометарот Александар Шпенде и тренерот Зоран Кастратовиќ.

– Металург пред продолжението на првенството доби една одлука, која е чудна и која ја примивме со неверување, односно дека сме суспендирани од домашното првенство, додека не се намират долговите за две добиени арбитражи од ЕХФ. Станува збор за играчот Александар Шпенде и за тренерот Зоран Кастратовиќ. Во случајот со Кастратовиќ уште ја оспоруваме одлуката на ЕХФ. Кастратовиќ беше тренер до октомври во Металург, а потоа замина во Пролет, бараше да му се исплатат уште седум плати до крајот на договорот. Мислам дека тие пари се незаработени и незаслужени. Сето она што го одработил, а тоа се две плати од претходната сезона и за актуелната сезона за која разговараме, ги прифативме заедно со премијата за пласман во Европа, меѓутоа, уште ги оспоруваме тие седум плати и сметам сето она што не е одработено не треба да се исплати, посебно кога тој реши да замине сам, а не да го отпушти клубот. Зборував со Кастратовиќ, но не може да се најде заедничко решение, додека со Шпенде се договоривме, со него е средено. Презедовме неколку чекори, се обративме до ЕХФ, ќе се обратиме и до РФМ, ќе побараме состанок и конкретно ќе побараме да ни излезат во пресрет. Реалниот долг е 65.000 евра, ако ги тргнеме оние седум нереални месеци на Кастратовиќ, а со нив долгот е 90.000 евра – вели претседателката на Металург, Зорица Блажевска.

Токму затоа на Металург, кој со спортското инвестирање во минатото создаде силен професионален погон, кој беше стабилен темел во издигнувањето на клупскиот квалитет, а паралелно и на националниот репрезентативен во сите категории ракометари, во овие мигови кога е во тешка состојба поради одредени недоразбирања треба и тоа како да му се помогне. А тоа во прв ред треба да дојде од страна на РФМ, АМС, локалната самоуправа, а не да биде заборавен трофејниот македонски клуб, во чии редови пораснале и играле прекалени ракометни имиња. Никако да му се сврти грбот.

Се знае колку е значаен Металург. Металург не е само првиот тим, Металург се и младите категории. Ако Металург и биде исфрлен од Суперлигата, тој нема да згасне, ќе функционира преку ракометната академија Металург. Нема да се стави клуч на вратата, сите оние што тријат раце и се надеваат дека ќе ја земат спортската сала или, пак, дел од играчите, ќе морам да ги разочарам, нема да згасне. Големи губитници ќе бидат оние што играат, а имаат побарување и треба да се исплатат, токму онака како што во последниве две години исплаќаме веќе три четвртини од обврските што ги наследив од моите претходници, кои работеле недомаќински и го ставале во заблуда сопственикот на клубот. Од наредната недела ќе најдеме решение, се надевам дека ќе имам и разбирање од РФМ и од ЕХФ, како и од Шпенде и од Кастратовиќ, кои чекаат пари. Сѐ што си е заработено од играчите ќе се исплати, но не може наеднаш, оти имаме актуелни играчи што го носат Металург во овој момент, кои одиграле цела сезона со една плата. Ставот на сите сегашни играчи е ако се оди во Првата лига, сите ќе одат во таа лига заедно. Костурот на тимот продолжува. Првиот човек на семејството Металург, Минчо Јорданов, дал пари што не можат да се избројат и тоа треба да се почитува со најголем респект. Никогаш не треба да се оспори она што клубот го добивал од Јорданов. Минатите две години свој удел имаше и ковид-ситуацијата. Ние пред појавата на ковид-19, 70 отсто од долговите ги сервисиравме. Но со појавата на пандемијата, спортот се става во втор план, сите гледаат да ги спасат своите бизниси, за жал. Јорданов никогаш не се откажал од клубот, но ситуацијата во моментот е таква – рече Блажевска.

Поддршката треба да биде неизоставна од сите надлежни субјекти. Спортската сала во Автокоманда мора повторно да грми, како во најдобрите времиња. Младоста е препознатлив белег на Металург. Клубот беше поддржан кај спортистите, спортските клубови и спортските работници. Концептот е во основа спортски, но и длабоко патриотски, репрезентативен. Она што Металург го демонстрира на дело преку младите играчи, тоа е само мал дел од она што е јасно за изградба на ментална и физичка силна спортска нација. А така и ќе продолжи. Кризите ќе бидат минато, а Металург ќе биде оној стариот. Г.И.