Во групата А ќе играат домаќинот Ѓорче Петров, Бор и младинската репрезентација на Чиле, а во групата Б, Вардар, Деспина и Јагодина. Најдобрите по групната фаза ќе играат во финалето на „Ѓорче куп 2021“

РАКОМЕТ – ПРВ МЕЃУНАРОДЕН ЖЕНСКИ ТУРНИР НА ОТВОРЕНО

Од денеска до сабота, женскиот ракометен клуб Ѓорче Петров ќе биде домаќин на првиот меѓународен ракометен турнир за жени „Ѓорче куп 2021“, кој ќе се игра на отвореното игралиште „Тодор Александров“ во населбата Ѓорче Петров.
На првото издание на турнирот ќе учествуваат шест екипи од кои три домашни, Ѓорче Петров, Вардар и Деспина, две од соседна Србија, Бор и Јагодина, и младинската репрезентација на Чиле, која е на подготовки во Македонија.
Екипите ќе бидат поделени во две групи. Во групата А ќе играат Ѓорче Петров, Бор и репрезентацијата на Чиле, а во групата Б ќе се сретнат Вардар, Деспина и Јагодина. Најдобрите по групната фаза ќе играат во финалето, второпласираните за трето место, а третопласираните во меч за петто место.
Организацијата на првиот меѓународен турнир во женска конкуренција, кој во иднина би требало да прерасне во традиционален, е еден вид најава и презентација на амбициозниот проект на клубот Ѓорче Петров, кој сезонава започна со создавање конкурентен тим составен од млади македонски ракометарки, со кои ќе се обиде да го врати Ѓорче Петров на старите победнички патеки, во времето кога беше „име“ на европската ракометна сцена. Првичните амбиции на клубот се освојување на едно од првите четири места во домашното првенство, кои, пак, носат излез во европските купови, а потоа во секоја наредна сезона чекор напред кон врвот на Европа.


Распоред на натпреварите

денеска
Бор – Чиле 11 ч.
Вардар – Јагодина 18 ч.
Отворање на турнирот 20 ч.
Чиле – Ѓорче Петров 21 ч.

утре
Јагодина – Деспина 11 ч.
Бор – Ѓорче Петров 18 ч.
Деспина – Вардар 20 ч.

сабота
Меч за 5-то место 11 ч.
Меч за 3-то место 18 ч.
Финале 20 ч.