Доколку Ѓер ја одбрани титулата европски првак, ракометарките Аморим и Горбиц ќе станат првите со по пет титули со иста екипа

Ракометарките на францускиот првак Мец, рускиот шампион Ростов Дон, норвешкиот дебитант во Лигата на шампиони (ЛШ) Кристијанстанд и бранителот на титулата, унгарскиот првак Ѓер, викендов ќе се борат за 26-та титула европски првак во женска конкуренција. Ѓер ќе игра за своја петта, односно трета титула во низа, Ростов Дон вторпат е во завршницата во ЛШ, додека, пак, Мец и Кристијанстанд првпат се на еден фајналфорот во Будимпешта.

Доколку Ѓер ја одбрани титулата европски првак, Едуарда Аморим и Анита Горбиц ќе станат првите ракометарки со по пет титули со иста екипа, а доколку победничкиот пехар замине во рацете на Ростов Дон, тогаш нивниот тренер Амброс Мартин ќе стане првиот меѓу стратезите со пет шампионски одличја. Претходните четири ги освои со екипата на Ѓер.

Во денешниот прв полуфинален меч (15.15 ч.), актуелниот првак Ѓер третпат сезонава ќе се соочи со Кристијанстанд, кој сезонава двапати го победи во главата рунда (33-29 и 33-26). Улогата на фаворит во вториот полуфинален дуел ја има Мец, кој исто така во два наврати во главната рунда беше поуспешен од Ростов Дон (29-25 и 26-15).