Шпанија останува најдобрата европска ракометна репрезентација, откако ја победи Хрватска со 22-20 во неизвесното финале одиграно во Стокхолм.

Во меч полн со пресврти, Шпанците се покажаа како постабилни во финишот, казнувајќи ги сите грешки на противникот.

Хрватите имаа подобар старт, поведувајќи со 8-6, но потоа повеќе од десет минути не постигнаа гол, дозволувајќи Шпанија да стекне предност од 12-11 на полувреме. „Фуријата“ подобро го почна второто полувреме, создавајќи предност од 16-12, но потоа Хрватите се вратија во игра и поведоа со 19-18. Искуството на Шпанците сепак, дојде до израз, па успеаја да слават. Алекс Душебаев го постигна решавачкиот гол.

Алекс Гомез со пет гола беше најефикасен во тимот на Жорди Ривера, додека најкорисниот ракометар на турнирот, Домагој Дувњак, имаше пет гола за Хрватска, а Игор Карачиќ го заврши мечот со четири погодоци.

Вчера, до бронзата стигна Норвешка, со победата над Словенија.