Лино Червар

Металург покажа дека во своите редови има ракометари со голем потенцијал и квалитет. Ова беше многу емотивен меч за мене, бидејќи беше навистина тешко да играм против тим со кој секојдневно живеев цели осум години, изјави Червар, по победата на Загреб против Металург со 26-22

Ракометарите на Металург ја продолжија серијата без победа и во 5-то коло од Регионалната лига. Избраниците на тренерот Данило Брестовац повторно имаа сили и мотивација само за едно полувреме, па хрватскиот првак Загреб забележа лесна победа со 26-22 (11-10). Младите ракометари на Металург беа конкурентни и парираа во првата половина од натпреварот, а потоа следуваа 15 црни минути, кои поминаа во апсолутна доминација на хрватскиот состав, кој направи серија од 8-0 и обезбеди мирна завршница на натпреварот.

– И во овој меч одигравме половично. Имаше периоди кога успевавме да бидеме конкурентни, но, сепак, најмногу ме загрижува падот што го имаме во второто полувреме од натпреварите. Тоа е потврда дека ни претстои уште многу работа за да ги надминеме црните минути во втората половина од натпреварите. Би било убаво и да се засилиме со уште некој играч, па времето ќе покаже дали ќе бидеме посилни во иднина – изјави Брестовац.

Мечот во Загреб беше со посебно емотивно значење за сегашниот тренер на хрватскиот првак, а поранешен тренер на Металург, Лино Червар. Хрватскиот стратег пред и по мечот имаше многу пофални зборови за македонскиот ракометен расадник и за неговиот наследник на клупата на Металург.

– Им честитам на Металург и на мојот наследник Данило Брестовац, и среќен сум што Металург е во добри раце и на добар пат. Тие покажаа дека во своите редови имаат ракометари со голем потенцијал и квалитет, а со оглед на тоа дека се најмладата екипа во ЛШ и во Регионалната лига евидентно е дека им претстои уште многу работа и пред сѐ психолошки тренинг, за да можат да бидат компактни и функционални. Исто така, морам да бидам искрен и да кажам дека ова беше многу емотивен меч за мене, бидејќи беше навистина тешко да играм против тим со кој секојдневно живеев цели осум години – изјави Червар.

Металург со Червар на клупата во изминатите осум сезони ја испиша најтрофејната историја на клубот од „Автокоманда“. Под палката на Червар Металург седум сезони едноподруго беше дел од најелитното ракометно натпреварување Лигата на шампионите (ЛШ), двапати стигна до четврт-финалето и еднаш до осминафиналето, по четири пати беше шампион на Македонија и освојувач на Купот на Македонија. Со доаѓањето и работењето на Червар во Металург, тимот од „Автокоманда“ прерасна во репрезентативен ракометен расадник на Македонија во сите возрасни категории.
Следниот предизвик за Металург е в недела (15.10 часот, пренос на Арена спорт) на гостувањето кај данскиот вицепрвак Силкеборг, кој има две победи (над Спортинг и на Чеховски медведи) и еден пораз (Татран) во претходните три кола од ЛШ.