Селекторот на ракометната репрезентација на Хрватска, Лино Червар, ја понуди својата оставка по шокантниот пораз од Аргентина (19-23) на Светското првенство во Египет. Червар во целост ја презеде одговорноста за слабото издание на неговите избраници. Хрватска по овој пораз има минимални шанси да се пласира во четврт-финалето.

– Не игравме добро и поради тоа сум изненаден. Бев убеден дека денес ќе бидеме добри. За мене ова е големо разочарување. Мораме да ја преземеме одговорноста. За мене ова е недозволиво. Мислам дека е време некој да ме замени на ова место. Не можам повеќе понатаму. 250 натпревари има со репрезентацијата. Одговорноста е моја. Не бегам од тоа. Жал ми е што заминувам, но ова е моја конечна одлука. Му давам целосна поддршка на новиот селектор. Жал ми е поради овој натпревар. Се беше во пристапот. Аргентина имаше повеќе желба, ние не чувствуваме глад за победите. Во животот има подеми и падови, Сојузот ќе мора да најде нов селектор. Нема да ја сменам одлуката, време е за нов човек. Можеме да се извлечеме против Данска, но ова го зборувам за она што ја очекува репрезентацијата во иднина – рекол Червар.

Хрватските медиуми веќе го прогласија овој натпревар за најлош на оваа генерација ракометари и еден од најлошите во историјата на хрватската репрезентација.

За пласман во четврт-финалето, Хрватите мора да ја победат Данска и во исто време Катар да забележи победа над Аргентина во последното коло. Овие натпревари се играат в понеделник.