Земји што ги немаше во ракометниот свет, сега имаат добри селекции, што значи дека не треба никогаш да се застане, туку макотрпно да се работи. Еве, една Португалија „експлодира“. Во Македонија мора да се работи со младите играчи, затоа што тие се иднината. Има многу таленти, само им треба доверба и шанса на теренот, вели Червар, селектор на Хрватска

Мирко Постоловски
специјално од Виена за „Нова Македонија“

Поранешниот тренер на Металург и македонски селектор Лино Червар не го криеше разочарувањето од елиминација на македонската ракометна репрезентација од Европското првенство (ЕП), чија група Б се играше во Виена.

– Не сакам да бидам критичар и многу е лесно сега да се говори за нешто што поминало. Знаете дека Македонија е моја втора татковина и многу ми е жал што не успеа да се пласира во главната фаза. Знам дека на сите им е жал, почнувајќи од играчите, стручниот штаб и раководството во Федерацијата – вели селекторот на Хрватска, Червар.

ЕП покажа дека нема непобедливи селекции и дека еволуцијата во ракометот продолжува.

– Земји што ги немаше во ракометниот свет, сега имаат добри селекции, што значи дека не треба никогаш да се застане, туку макотрпно да се работи. Еве, една Португалија „експлодира“. Во Македонија мора да се работи со младите играчи, затоа што тие се иднината. Има многу таленти, само им треба доверба и шанса на теренот – вели Червар.

Бекот на австриската репрезентација Јанко Божовиќ повторно се сретна со ракометниот великан Червар, со кого го врзуваат убави спомени од времето во Металург.

– Лино е ракометен лисец, драго ми е што ќе се видиме и ќе се потсетиме на убавиот период во Металург. Тоа беше, секако, еден од најдобрите периоди во мојата кариера, кога во мечевите од Лигата на шампионите (ЛШ) бев на врвот од листата на стрелците, заедно со Хансен. Тој е еден тренер што работи до перфекција, до најситните детали, и ѝ дава огромно значење на играта во одбраната – рече Божовиќ.

Поранешниот тренер на Металург, исто така, се радува на нова средба со Божовиќ.
– Се радувам на средбата со Јанко и драго ми е што е еден од лидерите на австриската репрезентација, но ниту за него на теренот нема да има попуст – вели Червар.


Рибера: На ова ЕП сѐ е можно

Германската репрезентација во Виена во главната фаза допатува без бодови, но, покрај големата новинарска екипа, во Австрија допатуваа и голем број навивачи.
– Она вистинското почнува во Виена. Во Норвешка беше само загревање за ова што претстои – вели во свој стил германскиот селектор Кристијан Прокоп.
Елиминациите на Франција и на Данска, едни од фаворите за освојување на медалите на ЕП, одекнаа во Виена. Ваквиот расплет на настаните ја отвора вратата за одбрана на титулата на Шпанија, но атмосферата ја смирува шпанскиот селектор Жорди Рибера.
– На ова првенство сѐ е можно. ЕП донесе неколку изненадувања, испаднаа Франција и Данска, но едно од нив, секако, е и раната елиминација на Македонија. Ние одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар и не размислуваме толку далеку. Најважен дуел е секогаш наредниот. Прво треба да стигнеме до финалето, па потоа да размислуваме за него – смета Рибера.


Елиминиран светскиот и олимписки првак Данска

По репрезентацијата на Франција, и фаворизираната Данска доживеа елиминација по настапот во групната фаза на ЕП во Австрија, Норвешка и Шведска. По поразот од Исланд (30-31), ремито со Унгарија (24-24) и победата над Русија (31-28), Данците останаа на третата позиција во групата Е, пласман што според новиот систем на натпреварување значи крај на првенството. Ова е првпат во ракометната историја да биде елиминиран актуелен светски или олимписки првак. Та.Д.


Оставки на Бебешко и на Кокшаров

Репрезентациите на Украина и на Русија останаа без селектор по лошата игра и слабиот пласман на ЕП. По трите порази во групната фаза, прв се повлече селекторот на Украина, Сергеј Бебешко, а поразителниот ефект на руската селекција беше кобен и за рускиот стратег Едуард Кокшаров, чија оставка беше побарана од првиот човек на Руската ракометна федерација, Сергеј Шишкарев.

Сергеј Бебешко

Дванаесет селекции во борба за медалите

Во трката за највисок пласман и медали на ЕП останаа бранителот на титулата европски првак, Шпанија, селекцијата на Хрватска, на која во нејзината трофејна колекција единствено ѝ недостига златен медал од ЕП, а во игра за одличје се и Норвешка, Шведска, Словенија, Германија Австрија, Чешка, Белорусија, Унгарија, Исланд и пријатното изненадување на ЕП, Португалија. Та.Д.


Прес-центарот врие од новинари

Додека првата фаза од мечевите на ракометното Европско првенство во Виена помина релативно тивко, покрај македонските новинари, присутни беа Чесите и дел од украинските медиуми, во главната фаза е вистинска врвулица. Најмногубројни се хрватските новинари, кои по елиминациите на Франција и на Данска се гледаат како едни од фаворитите за злато.
– Го посакуваме финалето во Стокхолм. Ги нема Французите, па сѐ зависи од нас. Добри сме, подготвени сме и силно го посакуваме тоа – коментираат новинарите.
Германскиот јазик доминираше во салата, причина повеќе е присуството на германските медиуми што допатуваа во Виена, но и сѐ поголемиот број австриски медиуми, кои се разбудија по пласманот на Австрија во главната фаза. М.П.

„Градската сала“ под хрватска опсада

По преселбата на хрватската селекција од Грац во Виена, се очекува хрватските знамиња на трибините да го заменат „црвено-жолтото“ македонско сонце. На билетарницата се создаваат редови, а по „коцкестите“ обележја се гледа дека Хрватите ќе бидат доминантни на трибините во „Градската сала“. Освен на мечот со Австрија, се очекува Хрватска да игра во Виена како дома.
– Купив билети за сите натпревари, ќе нѐ има многу – ни рече Марио. М.П.


ГРУПА 1
Двојки
Шпанија – Чешка синоќа
Хрватска – Австрија синоќа
Германија – Белорусија синоќа

ТАБЕЛА
1. Хрватска 1 1 0 0 2
2. Шпанија 1 1 0 0 2
3. Австрија 1 1 0 0 2
4. Чешка 1 0 0 1 0
5. Германија 1 0 0 1 0
6. Белорусија 1 0 0 1 0

ГРУПА 2
Словенија – Исланд 16 ч.
Норвешка – Унгарија 18.15 ч.
Португалија – Шведска 20.30 ч.

ТАБЕЛА
1. Норвешка 1 1 0 0 2
2. Унгарија 1 1 0 0 2
3. Словенија 1 1 0 0 2
4. Шведска 1 0 0 1 0
5. Португалија 1 0 0 1 0
6. Исланд 1 0 0 1 0