Македонското репрезентативно крило Гоце Георгиевски заедно со својот тим ЧСМ Букурешт ја освои титулата во Челинџ-купот на ЕХФ и влезе во малото друштво на македонски ракометари што можат да се пофалат со трофеј од европските купови.

Георгиевски и неговите соиграчи одиграа одличен реванш-меч во финалето од Челинџ-купот со португалска Мадеира, забележувајќи убедлива победа од 26-20, во која македонскиот репрезентативец придонесе со четири гола од исто толку шутеви.

Ова е прв европски трофеј за ЧСМ Букурешт, а седми за романските тимови во рамки на Челинџ-купот, што наедно ги прави најтрофејна земја во ова натпреварување.

Ракометарите, пак, на Кил стигнаа до четвртата титула во ЕХФ-купот, откако одиграа уште еден брилијантен натпревар во финалето на турнирот забележувајќи победа над големиот ривал Фуксе Берлин, со 26-22. Со овој триумф германскиот гигант Кил се израмни со Гепинген по бројот на освоени ЕХФ куп-трофеи – четири, додека пак за германските тимови ова е вкупно 24-ти ЕХФ куп-трофеј. Ракометарите на Кил претходно беа победници во ЕХФ-купот во сезоните 1997/1998, 2001/2002 и 2003/2004.

Во борбата за третата позиција поуспешен беше португалскиот состав Порто, победувајќи го данскиот вицепрвак Холстербо (28-26), кој, пак, сезонава во своите редови го има најдобриот стрелец во историјата на ЕХФ-купот, левото крило Магнус Браминг, кој постигнувајќи 100 гола го надмина својот сонародник Ханс Линдберг, кој во сезоната 2016/2017 имаше скор од 92 погодоци.