Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Леон дојдовме со единствена цел и желба, да одиграме добар натпревар и да оствариме што подобар резултат, рече десното крило Хорват, пред денешниот меч на гости со Адемар, за кој тренерот на Металург, Димитриоски, на располагање ги има сите ракометари, а кај шпанскиот стратег Каденас е неизвесен настапот на Суарез, Карилјо и на Киселев

ЛИГА НА ЕВРОПА

Шпанскиот вицепрвак Адемар Леон ќе биде денешниот противник на Металург (20.45 часот, пренос на МТВ) во мечот на гости во 3. коло на групата А, од новоформираното клупско ракометно натпреварување, Лига на Европа.
– Среќни сме што ни заврши карантинот и што повторно ќе можеме да играме. Желни сме за натпревари, за докажување, иако сезонава навистина е тешко да го одиграме тоа, онака како што знаеме, умееме и посакуваме, сѐ поради проблемите, прекините и ограничувањата што ни ги задава пандемијата на коронавирусот, како сега, кога бевме принудени за Леон два дена да патуваме со автобус – изјави десното крило на Металург, Златко Хорват.
За денешниот меч со Адемар, тренерот на Металург, Оливер Димитриоски, на располагање ги има сите ракометари од составот, а во редовите на шпанскиот стратег Маноло Каденас е неизвесен настапот на Натан Суарез (позитивен на коронавирус), Хозе Марио Карилјо и Олег Киселев (повредени).
– Во Леон дојдовме со единствена цел и желба, да одиграме добар натпревар и да оствариме што подобар резултат. Адемар е одлична и квалитетна екипа, која игра една агресивна и цврста одбрана, која им овозможува реализација на брза транзиција и контра. Затоа во нападот ќе мора да бидеме многу внимателни, концентрирани и ефикасни, да ги сведеме техничките грешки на минимум и да не дозволиме да наметнат нивно темпо на игра. Ако во одбрана одиграме онака цврсто и борбено како што знаеме, верувам дека ќе стигнеме до победа – рече Хорват.

Металурзите ја играат 20-та, а тимот од Шпанија 24-та сезона во ракометна Европа, но двете екипи ниту еднаш досега се немаат сретнато во некое од натпреварувањата под капата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), па, така, денешниот натпревар ќе биде прва меѓусебна средба на Металург и Адемар Леон. И двата тима досега сезонава одиграа по еден меч во ЛЕ, и двата со францускиот Тулуз. Адемар дома одигра нерешено (26-26), а Металург на гости загуби (33-29).
Во групата Д, Еурофарм Пелистер денеска (18.45 часот, пренос на МТВ) ќе го пречека швајцарскиот првак Кадетен Шафхаузен. За разлика од 2. коло, кога поради коронавирусот беа одложени осум од вкупно 12 натпревари, во 3. коло од ЛЕ, ЕХФ одложи само два меча во групата Б, и тоа Спортинг – Фуксе Берлин и Татран Прешов – Динамо Букурешт. 


ДВОЈКИ, 3. КОЛО

ГРУПА А
Чеховски м. – Висла 18.45 ч.
Фиверс – Тулуз 18.45 ч.
Адемар – Металург 20.45 ч.
ГРУПА Б
Ним – Кристијанстад 20.45 ч.
Спортинг – Ф. Берлин одложено
Татран – Динамо одложено
ГРУПА Ц
Бешикташ – Алингсас 18.45 ч.
Нексе – Монпелје 18.45 ч.
Магдебург – ЦСКА 20.45 ч.
ГРУПА Д
Татабања – Тримо 18.45 ч.
Еурофарм П. – Кадетен 18.45 ч.
ГОГ – Левен 18.45 ч.