Сагосен 10 пати беше непогрешлив

Холанѓаните забележаа минимална победа над европскиот вицепрвак Шведска со 25-24, а изненадување беше и нерешениот исход помеѓу аутсајдерот Литванија и фаворитот Исланд, 27-27

Селекцијата што никогаш досега не се квалификувала на голем ракометен настан, Холандија, го направи најголемото изненадување во првите бараж-дуели за пласман на Светското првенство 2019 за мажи во Германија и во Данска. Холанѓаните забележаа минимална победа над актуелниот европски вицепрвак Шведска со 25-24. Изненадување беше и нерешениот исход на дуелот меѓу аутсајдерот Литванија и фаворитот Исланд, 27-27.
Очекувани и убедливи победи во првиот круг од бараж-дуелите забележаа селекциите на Хрватска и на Норвешка. Хрватите предвреме ја отпишаа репрезентацијата на Црна Гора, совладувајќи ја со убедливи 32-19, повеќе од сигурна предност за реваншот в четврток во Подгорица.
За Швајцарците, пак, не беше доволно ни враќањето во репрезентацијата на централниот бек Енди Шмид и поддршката од голманот Никола Портнер. Расположениот Норвежанец Сандер Сагосен 10 пати беше непогрешлив во првите 38 минути од мечот.
Избраниците, пак, на Веселин Вујовиќ потклекнаа во завршните 13 минути од мечот со Унгарија. При резултат 23-23, тие цели 12 минути не успеаја да го најдат патот до унгарскиот гол, а избраниците на Љубомир Врањеш со серија од 6-0 си создадоа солидна предност пред реваншот, за конечни 29-24.
Катастрофално лошата игра во второто полувреме беше кобна за руската селекција во дуелот со Чешка. Русите по првото полувреме имаа предност од пет гола (17-12), која во продолжението од мечот ја прокоцкаа за потоа Чешка да слави минимално со 27-26.
Македонската репрезентација, пак, синоќа во Скопје го играше првиот бараж-меч против соодветната селекција на Романија.