Шпанскиот првак во финалето на Суперглоуб го победи Кил и третпат во низа, па петти пат вкупно стана светски клупски првак. Вардар го освои бронзениот медал

Ракометарите на Барселона со победата против Кил трета година по ред, а петта вкупно, станаа шампиони на клупското Светско првенство, турнирот Суперглоуб, кој во организација на Светската ракометна федерација (ИХФ) се играше во Дамам, Саудиска Арабија.
Предводени од расположениот за игра Лука Циндриќ (11 гола) и Исланѓанецот Арон Палмарсон (седум погодока), ракометарите на Барселона во драматичен и неизвесен натпревар, во кој Германците во поголем дел од мечот имаа предност и контрола врз играта, успеаја да ја преземат иницијативата и во завршните 10 минути да ја срушат нивната игра и да слават победа со 34-32 (15-17).
Ракометарите на Вардар и во својот втор настап на Суперглоб стигнаа до малото финале на турнирот, каде што и овој пат играа против домаќинот. Вардарци со рутинирана игра победија со 30-26 (16-16) на мечот со Ал Вехда од Саудиска Арабија и вторпат го освоија третото место на Суперглоуб.

Централниот бек на Ал Мудхар, Скандар Заиед, го заврши турнирот како најдобар стрелец со 29 гола. Зад него се десното крило на Кил, Никлас Екберг, и левиот бек Микола Билук со по 24 гола. Најмногу одбрани имаше голманот на Кил, Никлас Ландин, 45, или 11,25 во просек по натпревар. Втор со 31 одбрана е голманот на Ал Мудхар, Мохамед Абдрбалх, а Калифа Гедбане од Вардар собра 24 интервенции.
Ракометарите на Барселона со просек од 35,33 гола по натпревар го имаа најдобриот напад, а најдобрата одбрана на турнирот ја имаше екипата на Ал Мудхар, со просек од 25 примени гола по натпревар.

Според статистичките податоци, Кил ги имаше најефикасната бековска линија, која реализира 46 гола од 76 обиди, и најбрзите крила, кои реализираа 22 од 28 истрчани контри. Германците го имаа и најдобриот процент на реализација на нападите, со ефикасност од 69,5 отсто, односно реализирани 139 од 200 шута. 


ПЛАСМАН
1 Барселона (Шпанија)
2. Кил (Германија)
3. Вардар (Македонија)
4. Ал Вехда (С. Арабија)
5. Замалек (Египет)
6. Туабате (Бразил)
7. Ал Мудхар (С. Арабија)
8. Ал Дуахил (Катар)
9. Њујорк (САД)
10. Сиднеј (Австралија)

ОСВОЈУВАЧИ НА ТРОФЕИ
КЛУБ ТИТУЛИ
Барселона 5
Фуксе Берлин 2
Суидад Реал 2
Ал-Саад 1
Кил 1
Атлетико М 1
Кантабрија 1