Поранешните француски репрезентативци ќе ги засилат левата и десната бековска позиција. Оливие (34 г., 187 см) во последните пет сезони игра на позицијата лев бек во француски Нант, а Кевин (34 г., 188 см) во последниве три сезони e во португалска Бенфика, на позицијата десен бек

РАКОМЕТ

Македонскиот ракометен бренд Металург е одлучен во намерата да состави силен тим, кој повторно ќе блеска на европското ракометно небо. По продолжувањето на договорот со десното хрватско крило Златко Хорват, во следните две сезони дресот на Металург ќе го носат и искусните Французи, браќата близнаци Оливие и Кевин Њокас.
Поранешните француски репрезентативци ќе ги засилат левата и десната бековска позиција. Оливие (34 г., 187 см), кој располага со одлична скочност, силен шут, продорност и прегледност на играта, во последните пет сезони игра на позицијата лев бек во француски Нант, претходно беше дел од бундеслигашот Балинген, француски Кретеј и шпански Алкобендас, професионалната кариера ја започна во редовите на ПСЖ, а потекнува од школата на Монтгерон. Има 32 настапи и 69 гола за француската репрезентација и златен медал од Светското првенство (СП) во 2017 година во Франција и сребро од Олимписките игри (ОИ) во Рио во 2016 година.

Неговиот брат Кевин (34 г., 188 см) последниве три сезони игра во португалска Бенфика, на позицијата десен бек. Професионалната кариера ја започнал во редовите на ПСЖ, од каде што преминал во Кретеј, а потоа бил дел од бундеслигашите во Гепинген и Гумерзбах. За француската селекција има 41 настап, 57 постигнати гола, два златни медали од ЕП 2014 во Данска и СП во Катар во 2015 година.
Со ангажманот на двајцата француски врвни ракометари, Металург направи сериозен чекор кон формирање респектабилен тим, со кој во следната сезона ќе влезе во трката за титулите во домашното првенство, заедно со Вардар и Еурофарм Пелистер, кои исто така започнаа со амбициозни реконструкции и засилувања на своите редови.