Фото: Маја Јаневска-Илиева

Сите полуфиналисти играа во групата А, Вардар загуби двапати од Барселона, а со Киелце и со Веспрем на дебитантот на фајналфор-турнирите, Манасков, оствари по една победа и пораз

Ракометарите на Вардар на денешната ждрепка (од 12 часот) во Келн ќе го дознаат ривалот во полуфиналето на фајналфор-турнирот во Лигата на шампионите (ЛШ), кој на 1-2 јуни треба да се игра во Келн, Германија. По големиот успех и елиминацијата на унгарскиот првак Сегед (со вкупен резултат 56-52) и третиот пласман во низа меѓу најдобрите четири екипи во Европа, можни противници на Вардар се шпанска Барселона, унгарски Веспрем на Дејан Манасков и полски Киелце, со кои Вардар играше сезонава во групната фаза.

Изненадување, секако, претставува елиминацијата на француски ПСЖ, предводен од поранешниот тренер на Вардар, Раул Гонзалес. Вардар во 2017 година стана европски првак во Келн, а лани беше четврти.

– Ова е најслаткиот фајналфор од сите досегашни на Вардар. Завршивме огромна работа, а ракометарите, секако, заслужуваат честитки за играта во второто полувреме. Горд сум на моите играчи – рече тренерот на Вардар, Роберто Парондо.

Се чини Барселона, сепак, ќе биде најтежок можен полуфинален ривал за црвено-црните. Досегашната меѓусебна статистика откога се игра фајналфор (од 2010 година) вели дека Шпанците славеле против Вардар шест пати, двапати загубиле, а еднаш ремизирале. Против Веспрем скопјани победиле и ремизирале по еднаш, а загубиле четири пати, а со Киелце црвено-црните победиле трипати, а загубиле пет пати.
Годинава во Келн сите тренери се Шпанци (Роберто Парондо, Давид Дејвис, Талант Душебаев и Чави Пасквал). Сите клубови, пак, играа во групата А сезонава, во која Вардар загуби двапати од Барселона, а со Киелце и со Веспрем оствари по една победа и пораз.

Шпанскиот ракометен гигант седми, рекорден пат ќе биде дел од фајналфорот во Лигата на шампионите во Келн во Германија (се игра од 2010 година), што ја прави и најуспешна екипа. Од другите годинашни учесници, Веспрем ќе настапи петти пат, Киелце четврти, а Вардар третпат. Во Келн по двапати славеле Кил и Барселона, а по еднаш Вардар, Хамбург, Фленсбург, Киелце и Монпелје. Најуспешна екипа воопшто во ЛШ е Барселона, со девет европски круни, пред германски Гумерзбах, со пет.