Стевче Алушовски (2)

Во првиот сениорски состав на македонската репрезентација настапи на турнирот „Трофеј Карпати“. Незаборавни мигови има на Европското првенство во Србија, кога Македонија беше петта

Ракометниот ас Стевче Алушовски во својата богата кариера настапуваше за најсилните македонски клубови. Тој беше член на Пелистер, во кој како младинец ја почна кариерата, потоа во Вардар, а беше член и на тогаш силната и моќна Јафа промет од Ресен и на Металург. За овој период од клупската кариера пишував во минатиот понеделник, а сега е момент да се потсетиме на репрезентативната кариера на еден од најдобрите македонски ракометари.
Интересно е да се спомене дека во младинските денови тој имаше три настапи за младата репрезентација на поранешна Југославија. Потоа, по распадот на поранешната држава, тој веднаш се најде во составот на македонската репрезентација, која беше предводена од Славе Атанасовски-Чаве, селектор, и Ванчо Јовановски, тренер. Со најсилниот состав по осамостојувањето на нашата држава, тој настапи на по две светски и европски првенства, што уште повеќе ја збогатува неговата кариера.

ПРВО ИСКУСТВО ВО ИТАЛИЈА

Дебитантскиот настап за Македонија, Стевче Алушовски го имаше во оној период кога се создаваше нашиот национален тим и ја добиваше вистинската физиономија. Слично како со фудбалската, со оглед на тоа што уште не бевме примени од меѓународните федерации, а знаејќи дека тоа брзо ќе се случи, селекторите наоѓаа начин да организираат тест-натпревари. И секогаш се користеше истата формула – противник на репрезентацијата да биде селекцијата на новинарите. Така, во 1993 година ракометарите против „новинарската“ селекција го имаа првиот официјален настап, за потоа да дојдат и сите оние други што беа под капата на Светската и на Европската ракометна федерација. Откако беше отворена вратата, почна нашето докажување на меѓународната сцена.

– Дебито го имав токму на првата официјална средба на нашиот национален тим против Белорусија на традиционалниот турнир „Трофеј Карпати“ во Романија. Тие мигови не може да се заборават, како да не бевме свесни оти дојде моментот да заиграме со грбот и под знамето на Македонија – вели тој.
Потоа доаѓаа и другите натпревари што ја збогатуваа репрезентативната ризница, но секогаш императив беше да се успее во некои од квалификациите за пласман во завршницата на најзначајните првенства.
– Тоа се случи во 1998 година, кога имавме навистина еден силен состав, во кој беа Пепи Манасков, како лидер со меѓународно искуство, потоа Шопов, Станковски, Котевски, Царчев, Кимевски, Николовски. Сите тие беа квалитетни играчи, кои уште пред тоа ја имаа изградено својата кариера. До завршницата на ЕП во Италија во 1998 година стигнавме со победата над Белорусија, во претквалификациите, а потоа во квалификациската група со двете победи над Португалија и над Белгија. Така дочекавме и ние, овој пат предводени од селекторот Ванчо Јовановски, да заиграме на едно европско првенство – продолжи Алушовски.
Во Италија на нашата репрезентација ѝ недостигаше меѓународното искуство, кое другите ривали го имаа. Тие со години се кршеа во ваквите битки и ја имаа почувствувано нивната тежина.

– Да се игра против Хрватска, Шпанија, Русија, Чешка беше предизвик, но и голема мака зашто овие репрезентации веќе си го имаа своето место на меѓународната сцена и во своите редови имаа прекалени ракометари. Од тие натпревари, најмногу ме израдува ремито со Русија, која имаше освојувано медали на сите големи приредби. За нас, како дебитанти, тоа беше голем подвиг. На крајот бевме последни, 12-ти, но тоа не нѐ обескуражи. Напротив, откако почувствувавме како изгледа да се игра на едно европско првенство, со искуство повеќе ги очекувавме следните натпревари – вели Алушовски.

БЛЕСОК НА ЕП ВО СРБИЈА И – РАЗДЕЛБА

Потоа македонската спортска јавност беше пријатно изненадена кога преку „мајсторка“ со Исланд веќе следната година нашиот национален тим се пласира на своето прво Светско првенство во Египет.
– Настапот во Каиро никогаш нема да го заборавам. Тоа беше нешто невидено, за нас недоживеано. Дали може да верувате, игравме пред 30.000 гледачи? Египќаните направија вистински спектакл, кој ги мотивираше сите учесници на шампионатот. Ние ги почнавме натпреварите со победа над Саудиска Арабија, со осум гола разлика. Потоа загубивме со 11 гола разлика од Германија, што придонесе да дојде до немир во репрезентацијата, за потоа несреќно да загубиме од Бразил. На крајот бевме 18-ти. Во тој состав, покрај мене, беа Пепи Мансков, Чурлевски, Поповски, Николовски, Марковски, Лазаров, Мандиќ Јовиќ, Ходик и Брестовац – се сеќава Алушовски.
Требаше да поминат 10 години, па Македонија повторно да се најде на светската сцена. Конечно, повторно преку „мајсторка“ со Исланд, успеавме да стигнеме до Светското првенство во 2009 година во Хрватска. Инаку, дотогаш Исланд некако постојано ни се испречуваше на патот кон некоја завршница на СП или на ЕП.

– Фактот дека повторно ни се укажа шанса да ги браниме боите на својата земја на една ваква манифестација го поткреваше адреналинот кај нас. Јас во тоа друштво, иако бев ветеран, не се чувствував како таков. Се борев, играв и настојував да дадам полн придонес во секој меч. Многумина ме земаа како пример за помладите, а тоа, да бидам искрен, ми годеше. Што се однесува до СП во Хрватска, во првиот круг одигравме одлично и во Вараждин се чувствувавме како дома, зашто, покрај многубројната „фаланга“, ги имавме и домашните гледачи. Бевме навистина симпатична екипа и сите навиваа за нас. Но во вториот круг во Задар, каде што, исто така, имавме голема поддршка, како да се случи нешто со нас и го плативме данокот на неискуството. Имавме и тешки противници, Полска, Русија, Германија. Игравме добро, се боревме, но малерот да биде поголем се повреди Наумче Мојсоски, кој беше носител на играта со Кире Лазаров, и тука се распадна сета концепција. Потоа, во меч за 11-то место, ја совладавме Јужна Кореја, но не бевме задоволни од овој пласман. Знаевме дека можевме и повеќе – вели Алушовски.
Конечно, во 2012 година македонската репрезентација ги покажа вистинската сила и квалитет.
– На Европското првенство во Србија блеснавме и станавме миленици не само на нашата публика туку на сите љубители на ракометот. Во квалификациската група во Ниш, каде што како да играме дома, успеавме да избориме пласман за вториот круг. Во почетокот одигравме нерешено, 26-26, со Шведска, која и тогаш и сега претставува светска велесила. Јас, иако со 40 години, бев прогласен за најдобар играч на првото коло. Потоа дојде минималниот пораз со 23-24 од Германија, исто така ракометен гигант. Се боревме, дававме сѐ од себе, но, сепак, Германците нѐ победија. Во третата средба ја совладавме Чешка со 27-21 и се пласиравме на третото место во групата, што значеше и пласман во следната рунда. Овде имавме два пораза, и тоа од Данска, која стана европски првак, и од Србија, која беше втора. Победата над Полска со 27-25 и овде ни го донесе третото место, кое ни овозможи да играме за петтото место на шампионатот против третопласираната селекција од другата група, Словенија. Силно мотивирани во една драматична завршница го добивме дуелот со 28-27. Така станавме петти во Европа, што беше неочекувано голем успех – продолжува Алушовски.

ВЕЛИЧЕСТВЕН ПРЕЧЕК ВО СКОПЈЕ

Тоа што го направија нашите репрезентативци знаеја да го ценат сите љубители на ракометот во Европа, особено граѓаните на нашата земја, кои, кога се вратија дома, им приредија величествен пречек.
– Таа слика од скопскиот плоштад никогаш нема да избледи. Тоа е нешто што секогаш ќе остане во меморијата на сите нас што ги браневме боите на својата земја на ова Европско првенство – вели на крајот од оваа ретроспектива на ЕП во Србија нашата спортска легенда Стевче Алушовски.
Ова првенство, кога веќе имаше 40 години, беше најубава шанса за негова разделба од репрезентативниот дрес. Тој тоа и го стори, па, така, следната година го одигра својот проштален натпревар.

Стевче Алушовски, сепак, не можеше комплетно да се раздели од ракометот. Еден период беше директор на репрезентацијата, за потоа да формира своја ракометна школа во која беа опфатени многу деца од скопските училишта. Сепак, со оглед на квалитетите и искуството што ги имаше, неговите апетити одеа подалеку, да биде тренер на некоја прволигашка екипа. Тоа и се случи и во моментов тој е на кормилото на битолскиот прволигаш Еурофарм Работник, со кој настапува и на европската сцена. Нема сомнение, Алушовски е човек што со сето свое битие му припаѓа на ракометот.