Фото: Маја Јаневска-Илиева

Патот до успехот најчесто води преку куп неуспеси. Отсекогаш било така. Она на што се помислува кога ќе се каже „тие имаа среќа“, во потконтекст најчесто преведено значи „овие упорниве како ненормални се обидуваа којзнае по кој пат, па, ете, на крајот им успеа“. Сите го паметат моментот кога некој ќе постигне гол. Но колку ли само подготовки, тренинзи, акции, натпревари, технички грешки и промашувања поминале додека се дојде до погодок? На спортските вести го даваат само моментот кога еден од седумте играчи забива гол и со кренати раце го прославува својот успех. Но тоa е само блесок, краткотраен успех на еден, а ракометот е тимска игра. Вистинското прашање е како да се успее тимски, колективно и со сите чинители на нашиот најомилен национален спорт?

Да се успее значи да се прифаќа неуспех по неуспех, а притоа да не се изгуби ентузијазмот. Ова е една од познатите изреки на Черчил. И иако примарно не е поврзана со спортот, таа како да е изречена за нас. Точно, за да успееме, мораме да поминеме низ низа неуспеси. Помали или поголеми. Неуспехот е критичен чекор за иновација. Ако сме спортски интелигентни, од овој, ако некој го смета за неуспех, ќе извлечеме нов начин за следниот и за следниот обид.

Факт е дека со заминувањето на Раул Гонзалес од клупата на националниот ракометен тим, селекцијата на Македонија, но и целата ракометна јавност во земјава, остана посиромашна за еден одличен, врвен ракометен стратег, кој во изминатите две години внесе малку поинаков дух, смиреност и, во свој стил, тактичност во македонскиот состав. Но со заминувањето на Раул не замина нашата желба, ниту желбата на љубителите на ракометот и националниот спорт, ниту волјата и стремежот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ) за продолжување на најуспешната приказна за спортот број еден во Македонија – ракометот.

Така беше и со заминувањето на Лино Червар и доаѓањето на Гонзалес. Секој од нив остави свој специфичен белег и се обидуваше, со исклучителната добра логистичка поддршка на РФМ, стручно да го унапреди македонскиот ракомет. Повеќе од сигурни сме дека челниците на РФМ одново ќе го изберат решението што го сметаат за најдобро и ќе донесат квалитетен ракометен стратег за македонскиот национален состав. Само на тој начин РФМ, заедно со новиот селектор, ќе продолжи макотрпно но посветено, со препознатливите кон нив насочени надворешни опструкции и препки, но со љубов, страст, знаење и вештини, да чекори заедно со сите нас по европските и светските терени.

КАКОВ ТРЕБА ДА БИДЕ СТРАТЕГОТ НА НАЈПОПУЛАРНИОТ СПОРТ ВО МАКЕДОНИЈА?

Гонзалес ќе го паметиме по тоа што тој покажа дека за да бидеш врвен тренер не мора да си бил врвна ракометна ѕвезда, иако тој важел за добар шпански репрезентативец. Токму спротивно, со неговиот прекар Ел Команданте тој ни покажа дека авторитет не се гради со сила и со агресивен пристап, туку со знаење. Тренерот не треба да биде плашило и неговото знаење не се мери во децибелите на неговиот глас, туку преку неговата аналитичност и тактичност.

Со клупската титула европски првак Гонзалес ја израдува целата македонска јавност и направи многу деца да го засакаат ракометот. Но, ете, штета што на Раул и на Вардар не им појде од рака она што им успеа на Металург и на Лино Червар како стратегија, а тоа е создавање сопствени играчи за потребите на клубот и за репрезентацијата. Единствениот Македонец на кој Раул сметаше во Вардар беше Стојанче Стоилов. Но каков навистина профил на селектор ни треба?

– Во време на глобализација и висок степен на развиеност на човековата свест, основна појдовна идеја при изборот на селектор треба да ни бидат неговата стручност и визија, неговата посветеност во работата, а никако од каде тој доаѓа. РФМ како најдоброорганизирана федерација во државата, со г. Живко Мукаетов на чело, има и финансии и капацитети да обезбеди професионален селектор, без разлика дали ќе биде Македонец или странец. Со оглед на тоа што младинските селекции не беа предмет на интересирање на Гонзалес, а реално тие се главната база за дополнување и освежување на сениорската селекција, треба да се размислува следниот селектор да има поширока зона на одговорност, односно да биде одговорен за сите селекции по вертикала, затоа што, реално, тие зависат една од друга – смета поранешниот репрезентативец Горан Ѓоргоноски.

МЕРИТ-СИСТЕМ НА ВРЕДНОСТИ

Во врска со дилемата дали Македонец или странец како селектор, Ѓоргоноски додава дека најмалку е важно од каде доаѓа тој, туку дали со своите професионални и лични квалитети и визија се совпаѓа со она што ние, односно РФМ, годиниве го промовира како т.н. мерит-систем на вредности, за компетентност, стручност, ефикасност, па резултати…

– По заминувањето на Ивица Обрван, македонскиот национален тим (односно раководството на РФМ) повторно беше во дилема дали да се оди на варијанта да се ангажира селектор со македонско потекло или странец. Јавноста (онаа стручната) секогаш има повеќе разбирање за нашиот кадар и навива за „наше дете“ да биде на чело на селекцијата, но гледајќи го списокот на селектори, гледаме дека последните години сѐ почесто „посегнуваме“ по селектор странец. Мислам дека тоа е помалку важно, туку поважно е исполнувањето на принципите и стандардите на РФМ за едно такво место, вклучувајќи ја и синергијата што треба да ја изгради селекторот со нашите ракометари и стручен штаб, како и со Федерацијата – вели Ѓоргоноски.


На што треба да сме подготвени ние како ракометна нација?

Кога бевме Македончиња, односно национален тим именуван во деминутив, никој не нѐ сметаше за конкуренција, ниту на клупско, ниту на репрезентативно ниво. Никој не нѐ доживуваше сериозно. Меѓутоа, работите полека но сигурно се менуваа. Се гледа дека сега нѐ проучуваат, нѐ анализираат, обрнуваат сѐ повеќе внимание и – веќе нѐ научија. Затоа и ние мораме да се менуваме, трансформираме, надградуваме, унапредуваме. Оние за кои мислиме дека ни се конкуренти, тие најмногу можат да ни помогнат во тоа. Треба да сме подготвени на новини. Мораме да експериментираме. Па и ќе промашиме. И најдобриот снајперист не погодува секогаш од прва. Но ако ја следи траекторијата, ако е вистински мајстор, со секој нареден истрел ќе биде поблиску до целта.
Во ракометен и спортски жаргон, повторувањето на успешните „акции“ доведува до автоматизам, преку кој во иднина и со заврзани очи акциите ќе бидат успешни и прецизни. Така и во ракометната политика, и на тактички и на стратегиски план. Токму така – опиплив план што ќе има мерливи категории. Да се измери (спореди) до каде сме и што сме. Затоа, да се планира макотрпна и долгорочна заедничка работа, исполнет, динамичен, но и полн мандат. Да го споделиме нашето искуство. Но за да го направиме тоа, мораме да ги прифаќаме и туѓите искуства, да се отвориме, да бидеме проактивни со сите селекции, да гостуваме, да ни гостуваат, да испраќаме луѓе на усовршување… И да го сакаме ракометот. Да престанеме да си копаме гроб еден на друг, да се сепарираме и да подготвуваме пучеви. Тоа е само рецепт за пропаст на еден од златните спортови, кој сѐ уште може да нѐ сплоти и да ја прикаже пред светот нашата исконска желба – да бидеме свои и посебни од другите, да бидеме Македонци!