Европскиот ракометен вицешампион Хрватска на патот кон пласман на Летните олимписки игри во Токио годинава ќе игра со вечниот ривал и домаќин на квалификацискиот турнир, Франција, потоа сензацијата од ЕП 2020, Португалија, и вицепрвакот на Африка, Тунис. Во групата три, Германија ќе им биде домаќин на Шведска, Словенија и на Алжир, а Норвешка, која ќе биде домаќин на групата 1, ќе игра со Бразил, Чиле и со Јужна Кореја. Мечевите се предвидени за април. Двете најдобропласирани репрезентации од секоја група ќе обезбедат пласман на ЛОИ. Директно на ракометниот турнир се пласираа домаќинот Јапонија, светскиот првак Данска, европскиот првак Шпанија, победникот од азиските квалификации Бахреин, победникот на Панамериканските игри Аргентина и африканскиот шампион Египет.