Откако се играат фајналфор-турнирите во ЛШ, за Барселона годинашното учество ќе биде деветто, за ПСЖ петто, за Нант второ, а Алборг е дебитант

РАКОМЕТ – ВО ПРЕСРЕТ НА 12-ОТ ФАЈНАЛФОР ВО ЛШ

Ракометарите на шпанскиот првак Барселона, данскиот шампион Алборг, францускиот првак ПСЖ и вицепрвакот Нант, за осум дена во арената „Ланксес“, во Келн, ќе ја почнат трката за титулата европски првак на 12-от фајналфор-турнир во Лигата на шампионите (ЛШ). Од нив само Барселона претходно ја освојувала европската титула, и тоа рекордни девет пати. За ПСЖ, овој фајналфор-турнир ќе биде петти обид да стигне до првиот триумф, за Нант ќе биде втора шанса, а Данците се дебитанти во завршницата на ЛШ.
Барселона зад себе ја има најимпресивната и најефикасната сезона во ЛШ во својата клупска историја. Тие се единствениот тим што групната фаза ја заврши без загубен бод, притоа со најефикасен напад, со ефект од 36,2 гола по меч. Во осминафиналето беа супериорни со 74-44 над Елверум, а во четврт-финалето го елиминираа Мешков со 73-57. Десниот бек Дика Мем (85 гола) и десното крило Алекс Гомез (79 погодока) се најефикасни во шпанскиот состав.
ПСЖ ја заврши групната фаза на втората позиција во групата А, забележувајќи девет победи, едно реми и четири порази. Во осминафиналето беа подобри од Целје (68-47), а во четврт-финалето го елиминираа актуелниот европски првак Кил (63-59). Меѓу полуфиналистите, ПСЖ ја има најдобрата одбрана, со просек од 24 примени гола по меч. Најдобар стрелец во редовите на францускиот првак е левиот бек Микел Хансен, со 80 погодока.

Нант во групната фаза по петте победи, двете ремија и седумте порази, ја зазеде шестата позиција во групата Б, но тимската и борбена игра дојде до израз во елиминациските мечеви, во кои победи двајца сериозни кандидати за висок пласман. Во осминафиналето беше совладан Киелце (58-56), а во четврт-финалето Веспрем (62-60). Левото крило Валеро Ривера, со 86 гола, е најефикасен сезонава во францускиот тим.
Алборг низ иглени уши“ стигна на фајналфор-турнирот. Данците групната фаза ја завршија со по седум победи и порази, како четвртопласирани во групата Б. Во осминафиналето со Порто одиграа нерешено 56-56, но поминаа поради повеќе постигнати голови на гостински терен, а во четврт-финалето со еден гол го елиминираа Фленсбург (55-54). Со 61 постигнат гол, левиот бек Николај Кристијансен сезонава е најефикасен кај Алборг.
Во првиот полуфинален дуел, разиграниот состав на Нант спроти себе ќе го има шпанскиот првак Барселона, чии редови по завршниот турнир ќе ги напуштат шестмина ракометари (Арон Палмарсон, Раул Ентрериос, Седрик Сорендо, Јуре Доленец, Кевин Милер и Алекс Пасквал) и главниот тренер Чави Пасквал. Во второто полуфинале, амбициозниот Алборг спроти себе ќе го има францускиот гигант ПСЖ, чии редови деновиве ги засили Никола Карабатиќ, по седум и пол месеци рехабилитација од повреда на коленото.