Македонската машка ракометна репрезентација предводена од селекторот Раул Гонзалес, вечерва во преполната сала „Боро Чурлевски“ во Битола во рамките на 1. коло од квалификациите за Европското првенство (ЕП) 2020 година (што за првпат во историјата ќе се одржи во три држави, Шведска, Австрија и Норвешка и со вкупно 24 селекции), ја совлада соодветната селекција на Турција со 31-27 и на тој начин ги впиша првите бодови во својата група.

Првото полувреме го добија црвено-жолтите со 17-13. До 16-та минута Македонија постојано беше во водство со 1-2 гола разлика, а во 19-та минута со погодокот на десното крило Гоце Георгиевски за првпат беше видена разлика од три гола 10-7. Најголемата предност во овој дел беше остварена во 26-та минута, кога со голот на капитенот Кирил Лазаров, Македонија поведе со шест гола предност. Сепак, Турците во финишот на полувремето успеаја да намалат на четири гола. Најефикасен кај Македонците беше Кирил Лазаров со пет гола, додека Гоце Георгиевски постигна четири.

Македонските ракометари продолжија во ист стил и во вториот дел, рутински совладувајќи го својот ривал. На три пати беше создадена најголемата разлика од седум гола, последен пат 24-17 со голот на Филип Талески во 39-та минута. Македонија направи 10 технички грешки, а Турција 15.

Најефикасен во редовите на Македонија беше Кирил Лазаров со девет гола, додека голманот Борко Ристовски имаше 10 успешни интеревенции. Кај Турците Халил Озтурк даде пет гола.

Не сметајќи го овој дуел, Македонија и Турција досега три пати ги одмериле силите во квалификциски натпревари. Првиот пат во 2006 година, во квалификациите за ЕП, кога жолто-црвените двапати беа поуспешни, во Анкара со 36-22, а во Скопје со 37-31. И вториот пат во квалификациите за СП 2011, кога во турскиот град Адана, Македонија славеше со убедливи 35-26.