Марко Тарабокија / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Една од нашите главни задачи во денешниот меч ќе биде да го запреме „моторот“ на екипата, холандскиот централен бек Лук Стеинс, а и дисциплината во нападот ќе ни биде многу важна, вели Тарабокија, пред мечот вечерва кај Тулуз, од 18.45 часот

РАКОМЕТ – МЕТАЛУРГ МУ ГОСТУВА НА ТУЛУЗ ВО 1. КОЛО НА ЛИГАТА НА ЕВРОПА

Дисциплиниран и ефикасен напад и цврста и борбена игра во одбрана се основните работи до кои треба да се придржуваме во денешниот дуел со Тулуз, за да излеземе како победници на крајот од мечот, смета организаторот на играта на Металург, Марко Тарабокија, во пресрет на денешниот дуел на гости во Франција, во 1. коло од групната фаза во ракометната Лига на Европа.
Во новоформираното натпреварување во групата А се и шпанскиот вицепрвак Адемар Леон, полскиот вицепрвак Висла, рускиот првак Чеховски медведи и австрискиот шампион Фиверс. Мечот Тулуз – Металург доби нова саатница, па наместо од 20.45 часот, натпреварот ќе се игра од 18.45 ч. (пренос на МТВ) и ќе се игра без публика.
– Тулуз е интересна екипа, која во своите редови има одлични индивидуалци.

Една од нашите главни задачи во денешниот меч ќе биде да го запреме „моторот“ на екипата, холандскиот централен бек Лук Стеинс, кој е задолжен за организација на нападот, и да ги неутрализираме неговите додавање во играта еден на еден. Исто така, дисциплината во играта во нападот ќе ни биде многу важна, за да ги сведеме техничките грешки на минимум, за да не им дозволиме развој на контра и транзиција, кои се нивно најсилно оружје. Имаме доволно голем мотив и желба да одиграме добар и квалитетен натпревар и да се покажеме во што подобро светло во Лигата на Европа – рече Тарабокија.

Со денешниот натпревар против Металург, Тулуз ја почнува својата четврта европска сезона, прва по шестгодишна пауза, а по металурзите ќе ја играат 18-та сезона на европската сцена. 


ЛИГА НА ЕВРОПА, 1. КОЛО

Група А
Тулуз – Металург 18.45 ч.
Чеховски М. – Адемар Л. 18.45 ч.
Висла – Фиверс 20.45 ч.

Група Б
Динамо – Спортинг 18.45 ч
Татран – Ним 20.45 ч.
Берлин – Кристијанстад 20.45 ч.

Група Ц
Алингсас – Нексе 18.45 ч.
Бешикташ – Магдебург 18.45 ч.
Монпелје – ЦСКА Москва одложено

Група Д
Левен – Тримо 18.45 ч.
Кадетен – ГОГ 18.45 ч.
Еурофарм Пел.- Татабања одложено