Бекот на репрезентацијата на Македонија, Филип Талески по победата над Бахреин изјави дека дуелот е добиен во одбраната, но во нападот имале доста грешки. Според него, со ваков напад нема далеку да се стигне во следните три натпревари во групата.

– Се виде во двата натпревари дека Бахреин и Јапонија се доста квалитетни и имаат шанса да изненадат некој од фаворитите. Одигравме максимално во одбраната каде што го добивме натпреварот, но во нападот имавме доста грешки и избрзани шутеви. Мислам дека ако продолжиме со таква игра во нападот, нема да имаме големи шанси во клучните натпревари кои нè очекуваат, изјави Талески по мечот, во кој постигна три гола.

За претстојниот дуел со Хрватска утре од 18 часот, бекот на Рајн Некар изјави дека тимот треба да биде целосно фокусиран и дека ќе излезат максимално подготвени, иако останува нешто повеќе од еден ден за одмор.

– Научени сме да играме на ваков турнирски систем. Треба максимално да сме фокусирани за утрешниот натпревар. Ќе се подготвиме максимално и ќе го искористиме целото време кое останува за да се одмориме и да излеземе подготвени против Хрватска – додаде Талески.