Стојановиќ: Да се вратиме на старите патеки

Она што можам јас да ветам е дека на секој меч ќе даваме 100 отсто, и тоа не само на натпреварите туку и на тренинзите, на подготовките. Ќе има сериозна и жестока работа, а со малку среќа очекувам тоа да се исплати на теренот. Секогаш имаме високи амбиции, оти ако ги немаме, тогаш попусто работиме, вели Дамир Стојановиќ, новиот тренер на Металург

Многу важен впечаток од првиот тренинг е дека ракометарите се млади, дека сакаат да работат, сакаат да „гризат“ и дека се желни за враќање во Лигата на шампионите и во Регионалната лига, што ме радува. Она што можам јас да ветам е дека на секој меч ќе дадеме 100 отсто, и тоа не само на натпреварите, туку и на тренинзите, на подготовките. Ќе има сериозна и жестока работа, а со малку среќа очекувам тоа да се исплати на теренот, ни изјави Србинот Дамир Стојановиќ, новиот тренер на Металург, по првиот тренинг на почетокот на подготовките за новата сезона.

Стојановиќ вели дека амбициите на победникот на Купот на Македонија за првиот дел од новата сезона се освојување на првото место во првиот дел од Суперлигата, а потоа низ плејофот Металург да се врати во Регионалната лига. Во европските настапи, пак, првата цел е влез во групната фаза на Купот на ЕХФ.
– Секогаш имаме високи амбиции, оти ако ги немаме, тогаш попусто работиме – вели Стојановиќ.

На првиот тренинг Стојановиќ имаше на располагање 17 ракометари. Недостигаа тројца кадетски репрезентативци, кои се на подготовки со репрезентацијата за настап на Светското првенство во август во Скопје, како и Иракли Кбилашвили од Грузија, кој средува административни работи пред да му се приклучи на тимот.

– Кадетските репрезентативци се во тренинг, што е важно, а ние ќе ги следиме и ќе навиваме за нив. Тие нема да настапат за Металург на турнирот во Русија, но ќе играат на турнирот во Кањижа. Ќе им дадеме некој ден и за одмор по настапот на Светското првенство, а потоа одиме максимално – вели Стојановиќ.
Новиот тренер на Металург смета дека е одлично што тимот настапите во Купот на ЕХФ ќе ги почне од третото коло.

– Ќе имаме време да се подготвиме и да ја уиграме оваа млада екипа, да воспоставиме еден систем на игра. Среќен сум што дојдов во клуб со богата историја и традиција и доаѓам во еден момент во кој ќе се обидеме да создадеме нешто и да се вратиме на старите патеки. За мене тоа е голем предизвик – рече Стојановиќ за клупската интернет-страница.

Во преодниот рок од клубот заминаа деветмина, а му пристапија Лука Вујовиќ (од Ловќен), Милан Поповиќ (Пелистер), Реваз Чантурија (Струга), Маријан Мариќ (Зрински), Даниел Ѓорѓески (Пелистер), Иракли Кбилашвили (Одеса) и Дејан Пецаковски (Еурофарм Работник). Неколку млади играчи од Металург 2 се префрлени во првиот тим, а се најавуваат и можни нови засилувања.

– Екипата е составена од млади и здрави момци и од тој аспект мислам дека ќе имаме добра сезона. Цел ни е да завршиме на прво место во првата фаза од првенството и, нормално, во плејофот да се бориме за што повисоко место. Знаеме кои ни се најголемите ривали, Вардар, кој е европски шампион, и Еурофарм Работник, кој од сезона во сезона влегува во подобар ритам и прави поголеми успеси. Ако успееме да совладаме која било од тие две екипи, ние сме направиле огромен успех. Како еден од поискусните играчи во тимот со сѐ што знам и што сум научил ќе се обидам да ги советувам и да им дадам што е можно поголема поддршка на младите – рече левиот бек Дејан Пецаковски.

Домашната сезона за Металург треба да почне на 7 или на 8 септември, со меч од првото коло од македонската Суперлига, но претходно ќе треба да се договори и термин со првакот Вардар за одигрување на мечот од Суперкупот на Македонија. Металург сезонава ќе се натпреварува во Купот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), од третото коло.


Покана за нов настап на турнирот во Гренобл

Ракометарите на Металург деновиве ќе тренираат во својата сала, а од вторник една недела ќе ги реализираат висинските и базични подготовки на Копаоник (Србија). Потоа се предвидени учества на два силни меѓународни турнири, прво кај Чеховски медведи (Русија) од 15 до 19 август (противници се Чеховски медведи, Мешков Брест и Стеауа), а потоа во Кањижа (Србија) од 22 до 25 август.
– Покрај тие два турнира, имаме покана за одново да настапиме на мастерс-турнирот во Гренобл и да го браниме трофејот освоен таму во јануари. Уште не сме ја прифатиле поканата, прво да одредиме како ќе ги конципираме зимските подготовки – вели Зорица Блажевска, претседателката на Металург.


Чантурија: Тимот е доста силен

Мило ми е што по девет години се вратив во Металург. Целите се пласман во плејофот, во меѓувреме да се потрудиме да влеземе во групната фаза на Купот на ЕХФ. Ќе се бориме за најдобар пласман. Тимот е доста силен, се работи за млади и квалитетни играчи. Освен мене, Пецаковски, Дупјачанец и Поповиќ другите се млади, под 23 години, а ние ќе им помогнеме со нашето искуство, рече десното крило Реваз Чантурија.