Лошиот пласман не треба да биде пречка на патот кон подмладувањето и создавањето силен и квалитетен тим што ќе ја продолжи традицијата на учество на големите натпреварувања

Со поразот од домаќинот Австрија (28-32) заврши настапот на македонската машка ракометна репрезентација на Европското првенство (ЕП), кое се игра во Австрија, Норвешка и Шведска. Претходно во групата Б, македонската селекција беше поразена од Чешка (25-27), а единствената победа на ЕП македонските репрезентативци ја забележаа во дуелот со Украина (26-25).
Факт е дека на овој шампионат Македонија го оствари најлошиот пласман во историјата на ЕП, но тоа не треба да биде пречка на патот кон подмладувањето и создавањето силен и квалитетен тим што ќе ја продолжи традицијата на учество на големите натпреварувања.

Слабата концентрација во нападот и лошата игра во одбраната беа детектирани како главни причини за лошиот исход на првенството, меѓутоа статистички, гледано низ бројки, Македонија одигра потимски и направи помалку технички грешки во однос на претходното ЕП во Хрватска 2018 и Светското првенство (СП) во Германија и Данска во 2019 година.

На трите натпревари од групната фаза, избраниците на селекторот Данило Брестовац меѓусебно проиграле 59 пати, што во просек значи 19,6 асистенции по меч, за разлика од СП 2019, кога просекот на асистенции по натпревар беше 17,2, а на ЕП во Хрватска имаа по 13 меѓусебни проигрувања. Единствено Австрија има подобра меѓусебна соработка, со просек од 22 асистенции по меч.

Македонските ракометари на ова ЕП направија вкупно 28 технички грешки, или 9,3 по натпревар. На СП имаа просек од 10,4, а на ЕП 2018 грешеа во просек по 11,7 пати по натпревар. Меѓутоа негативата во овој сегмент е тоа што на мечот со Австрија имаа 13 загубени топки и 20 промашувања.

Низ статистичката призма на ЕП, единствено поразителни се бројките за ефектот на голманите. На трите меча во групата Б, македонските голмани забележаа само 26 одбрани од 110 упатени удари, или 8,6 во просек по натпревар, што дава ефикасност од 24 отсто. На ЕП 2018 голманскиот ефект беше 12,8 одбрани по натпревар, а на СП 2019 македонските голмани имаа просек од 13,4 одбрани.

Во споредбената статистика на постигнати и примени голови по натпревар, македонската репрезентација бележи ефект од 26,3 постигнати, наспроти 28 примени голови. На ЕП 2018 овој сооднос беше 24,3 постигнати и 27,3 примени, а на СП 2019 ефектот беше од 27,2 постигнати наспроти 28,4 примени голови по меч. На сите три првенства Македонија има просек од три исклучувања по натпревар.

Според регулативите на ЕХФ, како и според резултатите на сите селекции што завршија на третото место во шесте групи, Македонија во конечниот пласман би требало да заврши како петнаесеттопласирана репрезентација.

Пред Македонија би била Франција, која има подобра гол-разлика, а зад неа би биле Швајцарија, Холандија и Црна Гора до 18-то место, како и Србија, Украина, Летонија, Босна и Херцеговина, Русија и Полска, кои би биле распоредени од 19-то до 24-то место.


Статистики на последните три големи натпреварувања

ЕП 2020 СП 2019 ЕП 2018
(Авс./Нор./Шве.) (Гер./Дан.) (Хрватска)
Постигнати голови 26,3 27,2 24,3
Примени голови 28 28,4 27,3
Асистенции 19.6 17,2 13
Тех. грешки 9,3 10,4 11,7
Одбрани 8,6 13,4 12,8
Исклучувања 3 3 3,5
* бројките се во просек по меч


Пласмани на Македонија на ЕП
ЕП 1998 Италија 12-то место
ЕП 2012 Србија 5-то место
ЕП 2014 Данска 10-то место
ЕП 2016 Полска 11-то место
ЕП 2018 Хрватска 11-то место
ЕП 2020 Авс./Нор./Шве. 15-то место