Кога Веспрем годинава победувал на гости, просекот на дадени голови по меч изнесувал 29,3 (вкупно 88 на три средби), а на примени 29 (82)

Ракометарите на Вардар денес во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје (17.30 ч.) во рамките на 12-то коло од Лигата на шампионите (ЛШ), ќе ги одмери силите против унгарски Веспрем. Натпреварот е мошне значаен за црвено-црните, ако сакаат на три кола до крајот од групната фаза да ја задржат втората позиција во групата А, па во осминафиналето да ги чека полесен противник. Вардар и Веспрем досега седум пати ги одмериле силите во ЛШ, а поуспешни се Унгарците со пет победи, еден пораз и еден нерешен исход или гол-позитива од 10 (190 дадени, а 180 примени). Последниот меч сезонава игран во Веспрем го добија вардарци со 27-25, по што дотогашниот тренер на Веспрем, Љубомир Врањеш поднесе оставка. Вардар годинава дома оствари четири победи и еден пораз, додека, пак, Веспрем успеа на свој терен да ја прекине победничката серија од девет победи на Барселона.

За Унгарците ова ќе биде шесто гостување годинава во ЛШ, а досега забележале три победи (Мешков, Монпелје и Левен) и два пораза (Барселона и Кристијанстад). Кога Веспрем победувал, просекот на дадени голови по меч изнесувал 29,3 (вкупно 88 на три средби), а на примени 29 (82), додека, пак, кога губел на гости, реализирал во просек 27,3 гола по меч (58 гола), а примал 31,5 гола (63). Овој показател сугерира на фактот дека ако избраниците на тренерот Роберто Парондо сакаат да победат во Скопје, ќе мора да дадат 30 и повеќе голови, барем според досегашната статистика, но убаво ќе биде и ако се повтори резултатот од првиот меч во Веспрем.

– Победата против Левен ни ја олесни задачата до крајот, но тоа не треба и да нѐ опушти, бидејќи нѐ чека тежок дуел со Веспрем. Подготвени сме за она што ни претстои, а очекувам да одиграме максимално добро и да дојдеме до посакуваниот резултат – оптимист е капитенот на вардарци, Стојанче Стоилов.

Моментно Вардар е втор во групата А со 15 бода, три помалку од водечката Барселона, а еден бод повеќе од Веспрем и полски Киелце.