Оваа порака на РК Металург беше актуелна и тогаш, во борбата во спортската арена, а уште поактуелна е сега, во овие тешки моменти на светска изолација и борба со коронавирусот, дека од нас, од нашата волја, истрајност, дисциплина, кохезија и пожртвуваност зависи и победата над пандемијата

ШЕСТ ГОДИНИ ОД ПОБЕДАТА НА МЕТАЛУРГ НАД БАРСЕЛОНА ВО СКОПЈЕ

Во моментите кога светот се соочува со пандемијата од коронавирусот, кој целосно ги запира сите сфери на живеење, вклучувајќи ги и спортот и спортските настани и кога најчести спортски вести се бројот на новозаразени, клубови во карантин, прекинато или одложено натпреварување, потсетувањето на успешните настапи на македонските екипи и спортисти во минатите сезони е нешто што во овие моменти ќе нѐ потсети на нашата борбеност, издржливост, истрајност и победите против големи и силни ривали.
Пред малку повеќе од шест години во ракометна Европа како бомба одекна победата на Металург над шпанскиот гигант Барселона во Лигата на шампионите. Нема ракометен тренер, играч или љубител на ракометот што не слушнал или не го гледал големиот триумф на клубот од Автокоманда, кој од сезона во сезона растеше и се издигнуваше во ракометниот свет.

Големата победа на Металург тогаш ги стопли срцата на сите Македонци и испрати јасна порака дека нема доволно голем и силен противник што со верба во себе, истрајност и со борбеност не може да се победи. Порака што е актуелна и во овие тешки моменти на светска изолација и борба со коронавирусот, дека од нас, од нашата волја, истрајност и пожртвуваност зависи и победата над пандемијата.
Тогашните избраници на Лино Червар, тренерот на Металург, докажаа и покажаа дека големината на еден клуб лежи во вербата во себе, спортскиот идентитет и карактер и волјата за победа. Реализатори на стратегијата на Червар и творци на големата победа на Металург беа тогаш анонимниот Лука Циндриќ, кој натпреварот го заврши како најдобар стрелец со седум гола, десниот бек Ренато Вугринец и десното крило Гоце Георгиевски постигнаа по шест гола, организаторот на играта Филип Миркуловски запиша пет гола, Ванчо Димовски, Гоце Ојлески, Дејан Манасков по два, Дејан Пецаковски еден, а огромен придонес имаше одбранбениот бедем на Ацо Јоноски и Велко Маркоски, Никола Маркоски, Никола Кеџо, Златко Мојсоски и голманската двојка Никола Митревски (девет одбрани) и Дарко Станиќ (седум одбрани).

Со победата во последното коло од групната фаза, Металург ја прекина серијата на Барселона од 38 меча без пораз. Во таа сезона, Металург ја заврши групната фаза на третата позиција, зад ПСЖ и зад Барселона, обезбедувајќи трет последователен пласман во осминафиналето од ЛШ, а потоа со двојната победа над данскиот првак Колдинг во осминафиналето (дома со 23-17 и на гости со 30-26) вторпат обезбеди место во четвртфиналната фаза во најелитното клупско натпреварување. Во четврт-финалето Металург во двата наврати беше сопрен од германскиот гигант Кил (21-31 дома и 26-34 на гости), а во реваншот во редовите на Металург блесна младиот лев бек, сега стандарден репрезентативец Филип Талески.

Навраќањето на убавите спомени ни дава и надеж, мотив и сила да истраеме и во овие тешки моменти, кога битката не се бие во спортските арени, ниту со „познат“ противник, ниту е ферплеј. Но пораката на РК Металург од насловот беше актуелна и тогаш во борбата во спортската арена, а уште поактуелна е сега, во овие тешки моменти на борба со коронавирусот, дека од нас, од нашата волја, истрајност, дисциплина, кохезија и пожртвуваност зависи и победата над пандемијата.