Репрезентацијата на Македонија игра за пласман на своето седмо ЕП

Дуелот помеѓу Данска и Швајцарија ќе ни покаже во каква форма е и со каков потенцијал располага швајцарскиот состав, за да можеме да подготвиме соодветна противигра. Со добра подготовка верувам дека можеме да стигнеме до посакуваниот резултат, бидејќи ова е исклучително важен натпревар за нас, би рекол прва меч-топка за пласман на ЕП 2022, вели селекторот Брестовац

Одигравме добар меч и задоволен сум од прикажаната игра, иако секогаш може подобро. Мечот го одигравме онака како што посакувавме, создадовме комотна предност, која ни дозволи да ротираме и да одмориме некои од клучните ракометари за следниот дуел, со Швајцарија, изјави селекторот Данило Брестовац по победата над Финска, со 33-24, во Скопје, во првото квалификациско коло за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година во Унгарија и во Словачка.
Машката репрезентација на Македонија игра за пласман на своето седмо континентално првенство, односно шесто во низа. Избраниците на селекторот одиграа рутински натпревар против селекцијата на Финска, која во ниту еден момент не успеа да парира резултатски. Сега пред црвено-жолтиот тим е нова цел, победа и над репрезентацијата на Швајцарија, што би значело половина завршена работа на патот кон ЕП 2022. Во групата со Македонија е и репрезентацијата на Данска.
– Дуелот помеѓу Данска и Швајцарија ќе ни покаже во каква форма е и со каков потенцијал располага швајцарскиот состав, за да можеме да подготвиме соодветна противигра. Со Финска бевме добри, но за дуелот со Швајцарија сметам дека ќе мора да го кренеме нивото на цврстина и на агресивност во одбраната, бидејќи тие се за една класа поквалитетни и имаат повеќемина искусни ракометри, кои знаат и можат да одиграат на високо ниво.

Како и да е, со добра подготовка, верувам дека можеме да стигнеме до посакуваниот резултат, бидејќи ова е исклучително важен натпревар за нас, би рекол прва меч-топка за пласман на ЕП 2022 – рече селекторот Брестовац.
Најефикасен во победата на македонскиот состав беше капитенот Кирил Лазаров, со 11 гола, шест додаде Филип Кузмановски, а по четири пати во листата на стрелците се запишаа Жарко Пешевски и Бојан Маџовски.
Дуелот од второто квалификациско коло за пласман на ЕП 2022 со селекцијата на Швајцарија, македонскиот национален тим треба да го игра утре, од 18.30 часот (пренос на МТВ).
Пласман на ЕП 2022 обезбедуваат двете најдобро пласирани селекции од секоја од осумте групи и четирите најдобри меѓу третопласираните репрезентации во групите. Директен пласман на континенталното првенство во 2022 година обезбедија домаќините Унгарија и Словачка, како и финалистите од ЕП 2020, Шпанија и Хрватска. 


РЕЗУЛТАТИ, 1. КОЛО

Македонија – Финска 33-24
Австрија – Естонија 31-28
Исланд – Литванија 36-20
Португалија – Израел 31-22
Холандија – Турција 27-26
Црна Гора – Косово 32-25
Украина – Русија синоќа
Германија – БиХ синоќа
Шведска – Романија синоќа
Данска – Швајцарија синоќа

Одложени мечеви: Србија – Грција, Франција – Белгија, Чешка – Фарски Острови, Исланд – Израел, Полска – Холандија, Белорусија – Италија, Норвешка – Летонија