Паралелно со шампионатите на ЕХФ од дивизијата Б, во Македонија и во Црна Гора, Словенија е домаќин на Европското првенство за јуниори, за ракометари до 20 години, на кое денеска почнува втората групна фаза. Селекциите што останаа во трка за медали се Словенија, Германија, Исланд и Србија во групата М1, како и Шпанија, Португалија, Франција и Хрватска во групата М2. Словенија, Шпанија и Португалија со по два пренесени бода од првата групна фаза се во блага предност пред Германија и пред Исланд, кои пренесоа по еден, а другите селекции почнуваат без бодови.