Канелјас (Сегед)

Во осминафиналето Вардар ќе се сретне со Сегед, Висла ќе игра со Веспрем, а синоќа, по последните дуели од групната фаза и од плејофот сезонава се заокружија сите учесници во завршницата во трката за титулата. Директно во четврт-финалето ќе играат Кил и Барселона

Минатогодишниот ривал на Вардар во четврт-финалето, унгарскиот вицепрвак Сегед, ќе биде нивниот годинашен противник во осминафиналето во ракометната Лига на шампионите (ЛШ). По поразот од Монпелје (31-27) во последниот меч од групната фаза сезонава и победата на португалскиот првак Порто над белорускиот Мешков (32-25), Вардар остана на шестата позиција во групата Б и во осминафиналето ќе игра со третопласираната екипа од групата А, Сегед.

Петтата позиција и пласманот во осминафиналната фаза е најголемото достигнување на португалскиот првак Порто во најсилното европско клупско натпреварување, а негов противник во нокаут-фазата ќе биде тимот што ќе заврши на четвртата позиција во групата А (Фленсбург или Алборг).

Предноста од седум гола од првиот бараж-дуел на домашен терен (32-25) му го донесе шестиот пласман во осминафиналната фаза (прв од 2012 година) на полскиот вицепрвак Висла, која во реваншот загуби на гостувањето кај Бидасоа Ирун со 19-24. Во осминафиналето противник на Висла ќе ѝ биде второпласираната екипа од групата Б, унгарскиот првак Веспрем.

Со победата над Кил (32-30) во последниот меч од групата Б сезонава, полскиот првак Киелце ја освои третата позиција на табелата, па во осминафиналето ќе се сретне со петтопласираната екипа од групата А (Целје или Загреб).
Како годинашен лидер во групата А, со 26 бода, од 13 победи и еден пораз, шпанскиот првак Барселона четврти пат обезбеди директен пласман во четврт-финалето на ЛШ. Директен четвртфиналист од групата Б е германскиот вицепрвак Кил. 


Барселона постави победнички рекорд

Унгарскиот Сегед испушти победа на гости над шпанскиот гигант Барселона во 14-то коло од ЛШ, по предноста од два гола во 55-та минута (26-28). Барселона потоа оствари серија од 4-0 и славеше со 30-28, со што постави рекорд во ЛШ со 13 победи во низа, објави Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својата интернет-страница. Барселона загуби на гости во 1-то коло сезонава, токму од Сегед, а потоа забележуваше само победи.


ОСМИНАФИНАЛЕ
Вардар – Сегед
Висла – Веспрем
Спортинг/Динамо – ПСЖ
Порто – Фленсбург/Алборг
Фленсбург/Алборг – Монпелје
Целје/Загреб – Киелце
во четврт-финалето директно се пласираа Барселона и Кил