Лука Карабатиќ

На листата повредени и, можеби, отсутни од ЕП 2020 се Карабатиќ, Тонесен, Ремили, Мирхол…

Пикерот на француската репрезентација Лука Карабатиќ е последното име што се запиша на листата повредени ракометари, кои ќе го пропуштат претстојното Европско првенство (ЕП) што ќе се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска. Капитенот на ПСЖ и еден од главните столбови во француската одбрана во натпреварот со Барселона, викендов во рамките на Лигата на шампионите (ЛШ) скрши прст на десната рака, по што би паузирал најмалку два месеца.

Под голем прашалник е и настапот на десниот бек на француската репрезентација и на ПСЖ, Недим Ремили, кој во мечот од 9-то коло на ЛШ против Фленсбург имаше сериозна повреда на скочниот зглоб. Ремили (30 гола), Никола Карабатиќ (37 погодока) и Сандер Сагосен (39 гола) ја сочинува ударната бековска линија на ПСЖ, а со Дика Мем и со Мелвин Ричардсон ја покриваат таа позиција во францускиот национален тим.

Дел од листата на ракометри што ќе го пропуштат ЕП е и најискусниот и најефикасниот норвешки репрезентативец, пикерот и капитен Бјарте Мирхол, кој поради инфекција, пред 20 дена, имаше операција на цревата.

Првата опција на десната бековска позиција на Веспрем и на норвешкиот национален тим Кент Робин Тонесен повторно нема да биде дел од норвешката селекција. Минатата година пред почетокот на Светското првенство во Германија и во Данска имаше скршеница на шутерската рака, а минатиот викенд во мечот против Вардар ја скина Ахиловата тетива и веројатно ќе паузира до наредната сезона.

Операција на препоните и истегната тетива стојат на патот на ЕП на најискусниот украински репрезентативец, десниот бек Сергеј Онуфриенко, кој зад себе има деветгодишно искуство играјќи во ЛШ, а повеќе од 10 години е дел од украинскиот национален тим.

ЕП ќе го пропушти и младата ракометна надеж на Словенија централниот бек Домен Макуц, кој ја обнови повредата на коленото на мечот Загреб – Целје од ЛШ и пред две недели му беше извршена операција, за која се потребни два-три месеци рехабилитација.

Проблем со повредени ракометари има и хрватскиот селектор Лино Червар, чии двајца организатори на играта, Игор Карачиќ и Домагој Дувњак, се рехабилитираат од скорешните повреди.