Се играше брзо, а со „шест на шест“ и многу поатрактивно и подинамично

ОД СТРУЧЕН АГОЛ

Во досегашниот тек на Светското првенство во Германија и во Данска гледавме квалитетни и неизвесни мечеви, кои, сепак, не донесоа многу новини во ракометот.

Играта „седум на шест“ не се покажа како новитет што требаше да ја унапреди ракометната игра и, наместо тоа, ова правило во голема мера го уназади ракометот и го направи неатрактивен за гледање, особено поради тоа што во одредени делови од мечевите гледавме игра само на еден гол. Кога селекторите се одлучуваа на игра „шест на шест“, гледавме многу поатрактивен и подинамичен ракомет, со висок интензитет и повеќе комбинаторика. Повеќето репрезентации форсираа брза игра и т.н. брз центар, а во одбраната речиси сите се одлучија за формацијата 6-0 со различни тактички варијации, за да се добие поголема агресивност. Многу помалку се користеа формациите 5-1 и 3-2-1. Во однос на поставеноста на играта во одбраната и квалитетот на нападот, на ова СП доминантни беа тие што влегоа во трката за медали – Данска, Норвешка, Франција и Германија.

Европските земји уште доминираат кога станува збор за квалитетот на играта. Може да се издвои само Бразил, кој го подигнал квалитетот и полека се доближува до европските земји, меѓутоа другите уште заостануваат далеку. Овој шампионат ќе остане впечатлив по одличната игра на неколку млади таленти, кои во иднина би требало да станат звучни имиња во светскиот ракомет. Тука би ги издвоил француските јуниори Мелвин Ричардсон, Дика Мем, Лудовик Фабрегас и Недим Ремили, потоа Исланѓаните Елван Јонсон, Гисли Кристијансон, Арнар Арнарсон, рускиот бек Сергеј Косоротов, Бразилецот Ханиел Лангаро и помладиот од семејството Душебаеви, Даниел. Сите овие имаат голем потенцијал и предиспозиции да станат играчи од светска класа, но времето ќе покаже дали и кој од нив ќе успее во тоа.

За разлика од претходните шампионати, сега судиите имаа малку построги критериуми и сметам дека играчите ќе треба да се навикнат на тоа. Со заострениот критериум ќе се добијат поголем квалитет и чистина во играта. Евидентна беше зголемената заштита на пикерите на линијата од шест метри, каде што судиите не дозволуваа груба игра врз нив.

Македонија на овој Мундијал, за разлика од претходните, не успеа да помине во вториот круг и остана на истото место како и на претходното СП. Мислам дека оваа селекција можеше да постигне повеќе доколку не правевме премногу калкулации како и со кого ќе играме, за на крајот да кикснеме против репрезентацијата што ја издвоивме како наша шанса за пласман во вториот круг. Колку побргу прифатиме дека против секого треба да се игра без респект и со верба во себе и дека против секого треба да се гледа шанса за победа, толку побргу ќе имаме можност да се искачиме скалило погоре во остварувањето добри резултати на ЕП и на СП. Во креирањето на новата филозофија на играта главното место треба да го имаат младите играчи што доаѓаат. На ова СП не добија доволно можност да го покажат својот потенцијал, но тоа не треба да ги обесхрабрува, туку треба да ги мотивира да продолжат со напорна работа и да се изборат за својот статус во репрезентацијата.

Авторот е тренер и поранешен селектор на женската репрезентација на Македонија