Фото: Игор Бансколиев

Ново име е левиот бек Дарко Георгиевски (27), кој игра во францускиот второлигаш Ангерс

Селекторот на македонската машка ракометна репрезентација Данило Брестовац го објави поширокиот список со 28 ракометари, на кои ќе смета во подготовките и настапот на претстојното Европско првенство (ЕП), кое следната година (9-26 јануари) ќе се игра во Австрија, Норвешка и во Шведска. На списокот има 14 интернационалци и 14 ракометари од македонските клубови. Ново име е левиот бек Дарко Георгиевски (27), кој игра во францускиот второлигаш Ангерс.

Репрезентативните подготовки е предвидено да започнат на 21 декември. По тренинг-фазата во Скопје, ќе следува кратење на списокот во пресрет на контролните натпревари со селекцијата на Кувајт во Белград (25- 26 декември) и настапот на турнирот „Трофеј Карпати“ во Романија (27-30 декември), каде што прв противник ќе биде Алжир, а потоа една од селекциите на Романија или Холандија.

По новогодишните празници (2-8 јануари), репрезентацијата ќе престојува во Словенија, каде што ќе ја одработи завршната фаза од подготовките. Во тој период се предвидени и двата завршни тест-натпревари пред ЕП, со репрезентациите на Словенија (3 јануари) и на Црна Гора (5 јануари).

На ЕП 2020, Македонија ќе игра во групата Б, во Виена, каде што за првите две места, кои носат пласман во следната фаза, ќе се сретне со Чешка, Австрија и со Украина. Во 1-то коло од групната фаза (10 јануари), Македонија треба да игра со Украина, два дена подоцна против честиот ривал Чешка, а на 14 јануари е мечот со домаќинот Австрија. 


Повикани ракометари

ГОЛМАНИ: Борко Ристовски, Никола Митревски, Мартин Томовски и Марко Кизиќ. КРИЛА: Дејан Манасков, Димитар Димитриоски, Бојан Маџовски, Гоце Георгиевски, Мартин Поповски, Ненад Костески. БЕКОВИ: Кирил Лазаров, Филип Талески, Филип Кузмановски, Горан Крстевски, Дарко Димитриевски, Дејан Кукуловски, Велко Марковски, Мартин Велковски, Мартин Серафимов, Томислав Јагуриновски, Марио Танкоски, Марко Мишевски, Мартин Манасков и Дарко Георгиевски. ПИКЕРИ: Стојанче Стоилов, Никола Марковски, Жарко Пешевски и Константин Петров.