Мартин Серафимов шутира кон голот на Белорусија

По полуфиналниот пораз од Грузија, 30-32, Македонија синоќа во малото финале по вторпат на ЕП, дивизија б се сретна со Швајцарија

По петте победи во низа на ЕХФ-шампионатот во Грузија, македонската машка кадетска репрезентација до 18 години е поразена во полуфиналето на турнирот од своите врсници од Белорусија, со 30-32, и со тоа не успеа да обезбеди пласман во финалето, кое, пак, беше виза за европските јуниорско и кадетско првенство во 2020 година.
Белорусите уште од самиот почеток наметнаа силно темпо и ја имаа контрола врз резултатот. На полувремето создадоа предност од четири гола, а истата предност ја одржуваа и во текот на второто полувреме. Македонија се доближи на два негатива (30-32) на две минути до крајот, имаше и пенал, но Мартин Серафимов не успеа да го совлада белорускиот голман.

– Жал ми е што не одигравме како што посакувавме и не обезбедивме место во финалето. Имавме и желба и борбеност и дисциплина, кои се одлични предуслови за добра игра и победа на теренот, но елементот реализација и техничките грешки беа најголемите пречки на патот во финалето – вели македонскиот селектор Данило Брестовац.

Најефикасен во македонскиот состав беше Серафимов со 15 гола, односно 47 вкупно на ова ЕП, и моментно е на втората позиција на листата на стрелците, зад Грузиецот Гиорги Чковребадзе, кој со 67 реализации е недостижен на првата позиција.
Македонските кадети синоќа во малото финале по вторпат на турнирот се сретнаа со селекцијата на Швајцарија, која во полуфиналето, пак, загуби од Италија, со 23-29. Со овој полуфинален пораз Македонија и понатаму останува дел од дивизијата во оваа возрасна категорија.

Утеха за македонските кадети е тоа што следната година Македонија ќе биде домаќин на Светското кадетско првенство, на кое ќе имаат можност да се покажат во подобро светло.
За потсетување, откако заврши јуниорскиот ЕХФ-шампионат, на кој Македонија го освои првото место, ЕХФ спроведе промени, со кои освоениот ЕХФ-шампионат не ѝ носи пласман на Македонија во дивизијата А на јуниорското ЕП во 2020 година. Имено, селекциите што ќе ги освојат кадетските ЕХФ-шампионати од дивизијата Б во Грузија и во Австрија, ќе обезбедат пласман на ЕП од дивизија А и за јуниорската и за кадетската селекција на таа земја.