По четири кола во ЛШ Барселона го има најдобриот напад (35,5 по меч), а Фленсбург најдобрата одбрана (21 во просек)

По четирите кола во машката ракометна Лига на шампоните (ЛШ) само францускиот гигант ПСЖ и шведскиот првак Савехов имаат максимален ефект од по четири победи. Непоразени, со по едно реми, се германскиот првак Фленсбург и вицепрвакот Кил, шпанскиот вицешампион Бидасоа Ирун и романскиот првак Динамо. Без победа и без освоен бод по четирите кола се уште норвешкиот шампион Елверум, словенечкиот првак Целје, хрватскиот шампион Загреб, украински Мотор и словачкиот Татран.
Шпанскиот првак Барселона го има најдобриот напад по изминатите четири кола во ЛШ со 142 реализации (просек од 35,5 гола по натпревар), а Загреб го има најслабиот напад со 85 гола (21,2 по меч). Фленсбург ја има најдобрата одбрана со 84 примени гола (21 во просек), а најлошата одбрана меѓу 28-те тима во ЛШ сезонава по четири кола ја има Мотор со 137 примени гола (34,2 по натпревар).

Десното крило на унгарскиот вицепрвак Сегед, Богдан Радивојевиќ со 29 гола е прв стрелец сезонава, второ е левото крило на ГОГ, Емил Јакобсен со 27, а на третата позиција е десното крило на Татран, Хавиер Кабазон.

Според играта прикажана во мечевите од 4-то коло во ЛШ, место во идеалниот тим на ЕХФ добија Јакобсен, левиот бек на Монпелје Мохамед Соуси, организаторот на играта на Мотор Аиденис Маласинкас, десниот бек на Савехов, Гзим Салихи, десното крило на Татран, Хавиер Кабазон, пикерот на Сегед, Бенче Банхиди и голманот на Динамо, Саеид Хеидарирад. Ефектот на идеалната постава во 4-то коло е 52 гола и 14 одбрани на голманот.