Сагосен е убедлив водечки стрелец и асистент на ЕП 2020, учествувал во повеќе од половината голови на Норвешка, има само пет технички грешки…

По пет меча на Европското првенство (ЕП), централниот бек на Норвешка, Сандер Сагосен, е ракометарот што отскокнува со својата перфектна игра. Неговата доминација беше повод и за организаторите на ЕП да објават приказна за 13-годишното дете што имало желба да стане најдобар ракометар на светот. Сагосен е прва ѕвезда на ЕП, во петте досегашни средби постигна 42 гола, асистираше за 33, а врз него беа направени и два седмерци, што значи дека тој е креатор на вкупно 77 гола, што е повеќе од половина од вкупниот број постигнати голови за Норвешка досега на ЕП (153). Сагосен на пет меча направил само пет технички грешки, украл две топки и еднаш блокирал шут…

– Не одиграв најдобро во финалето на СП лани, па размислував што им треба на телото и на духот за во ваква ситуација да бидат подобри. Многу работев на тоа. Верувам, се надевам и сонувам дека ќе бидеме на тронот на ЕП. Имаме тим што е доволно добар за да ја оствари таа цел – вели Сагосен.

Неговиот блесок почна на ЕП 2014, кога се појави како една од надежите на Норвешка, а од реномираниот портал „Планет хандбал“, три години по ред беше прогласуван за најдобар млад играч (2014/2015, 2015/2016 2016/2017). На ЕП 2016 Сагосен првпат доби место во идеалната постава. Дел од идеалниот тим беше и на СП 2017 и на ЕП 2018. Благодарение на неговата силна волја и верба во себе, Сагосен стана име на кое му се восхитува целиот ракометен свет. Како и многумина, почнал со фудбалот. Неговите родители дури и му направиле терен за тренинг во дворот со вештачка трева, како и сопствена вежбалница. Имал одлични услови за тренинг и за напредок, но на 13-годишна возраст ракометот влегол во неговиот живот и почнал со остварување на својот сон, да стане најдобар на светот.

– Одлучив да станам најдобар на светот. Зошто да се занимаваш со нешто ако не сакаш да бидеш најдобар? Ако вистински го посакуваш тоа, никој и ништо не може да те запре. Со оглед на тоа што имам одлични индивидуални и тимски способности, силно верував дека можам да бидам нешто во ракометниот свет – рекол своевремено Сагосен во едно интервју за норвешките медиуми.

Професионалната кариера почнала во 2012 година, во норвешкиот Колстад, следната година заминал во Хаслум, а вистинскиот напредок го доживеал по трансферот во Алборг и играњето во ЛШ. По три години, Сагосен стана дел од ПСЖ, со кој двапати играше во финалето од ЛШ.

– Морате да ги направите вистинските чекори за да стигнете до врвот. Кога ќе одлучите да се занимавате со ракомет, тоа станува ваш начин на живот. Да не се жртвував, немаше да бидам тоа што сум денес – вели Сагосен, кој по три сезони во ПСЖ следната сезона тој ќе ја организира играта на германскиот гигант Кил.