НЕДЕЛА НА ЕХФ

Селекторот на женската сениорска репрезентација на Македонија, Љубомир Савевски, го соопшти списокот со 19 ракометарки (и девет резерви), за претстојниот собир во рамките на неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), од 22 до 30 ноември. Македонија треба да одигра две пријателски средби со селекцијата на Србија, во Стара Пазова, на 27 и на 29 ноември. Собирот на македонската репрезентација е закажан на 22 ноември во Скопје.
По подолго време во репрезентација се враќаат Марија Штериова, Андреа Седлоска и Јована Саздовска, кои беа отсутни поради повреда, а ќе недостига капитенката Елена Ѓорѓиевска, која е повредена.
Некои од селекциите во овој термин се подготвуваат за претстојното Светско првенство во Шпанија во декември, а Македонија, за разлика од Србија, која е учесник на Мундијалот, е прва резерва, во случај некоја селекција да го откаже настапот.