Фото: Маја Јаневска-Илиева

За првите квалификациски дуели идната недела, со Финска и со Швајцарија, селекторот Брестовац соопшти список со 35 ракометари, а скратениот за подготовките ќе го оформи во следните неколку дена, откако ќе има конкретни информации за тоа кои ракометари ќе можат да одговорат на повикот

Коронавирусот ги смени плановите на селекторот на македонската машка ракометна репрезентација Данило Брестовац за квалификациските дуели за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2022 година, со Финска и со Швајцарија во ноември, откако за собирот в сабота нема да може да смета на ракометари од три клуба што се во задолжителен карантин поради позитивни случаи во тие клубови. Дополнително, германските клубови размислуваат дали да ги пуштат интернационалците на репрезентативните собири за неделата на ЕХФ. На списокот на Брестовац има тројца играчи од Бундес-лигата.
– Коронавирусот ни зададе сериозен удар во пресрет на репрезентативниот собир. На располагање ќе ги немам ракометарите од Вардар, Металург и од Пролет, а го чекаме и ставот на бундеслигашите, дали ќе им дозволат на интернационалците да бидат дел од репрезентативната недела на ЕХФ. Како и да е, ќе ги искористам сите ракометари што се на поширокиот список, бидејќи штом се на списокот, го имаат потребниот квалитет да ги бранат боите на националниот тим – рече Брестовац.
Квалификациските дуели се на 4 ноември дома, со Финска, и на 7 ноември на гости, со Швајцарија.

– Финска бележи евидентен напредок во играта на клупски, а и на репрезентативен план. Имаат неколку искусни и квалитетни ракометари во својот состав, што ги прави селекција што не смее да се потцени во ниту еден сегмент од играта. Со нив досега сме играле двапати, во рамките на квалификациите за СП 2005. Победа во дуелот со Швајцарија ќе биде клучот за нашиот пласман на ЕП. Тие се силна репрезентација, која знае да изненади со својата игра, а тоа го видовме со победата над Норвешка (33-30) во баражот за СП 2019. Доволно е да се спомене дека на централната позиција го имаат Енди Шмит, моторот на Левен, потоа левиот бек на Вецлар, Лени Руби, како и пикерот на Лајпциг, Ален Милошевиќ – рече селекторот.
Македонија и Финска досега се сретнале двапати, во квалификациите за СП 2005, мечот во Финска заврши нерешено, 30-30, а на домашен терен Македонија славеше со 36-30. Со Швајцарија, пак, Македонија во последните 15 години одигра шест натпревари. Црвено-жолтите славеа во квалификации за ЕП 2014 (27-22 и 30-24) и за ЕП 2016 (26-17 и 27-20), а Швајцарците беа поуспешни во квалификациите за ЕП 2004 (34-30 и 31-24).
Собирот на репрезентацијата е закажан за сабота, а официјалниот почеток на подготовките е со утринскиот тренинг в понеделник.

– Се надевам дека нема да имаме дополнителни проблеми и дека ќе можеме да составиме солиден тим со кој ќе им парираме на Финска и на Швајцарија. Со оглед на тоа дека сезоната е во тек и физичката подготвеност е на солидно ниво, тренинзите ќе ги искористиме за техничко-тактичко усогласување на играта во напад, како и поставување на одбранбените формации на игра – изјави Брестовац.
Во квалификациската група 7 е и селекцијата на Данска. Следните квалификациски рунди се предвидени за март, април и мај 2021 година. Пласман на ЕП 2022 обезбедуваат двете најдобропласирани селекции од секоја од осумте квалификациски групи, како и четири најдобри меѓу третопласираните селекции во групите.