Фото: Игор Бансколиев

Македонските ракометни репрезентативци денеска го направија првиот собир во хотелот „Александар Палас“ со што го означија официјално почетокот на подготовките за Светското првенство, кое ќе се одржи во јануари 2019-та во Германија и Данска.

Македонската репрезентација подготовките ќе ги оддржи во Скопје, а на 4 и 5 јануари ќе одигра две контролни средби против репрезентацијата на Србија.

На денешниот прв тренинг нема да присуствуваат селекторот Раул Гонзалес и неговиот асистент и Роберто Парондо, а недостасуваат и тројца репрезентативци – Филип Талески, Борко Ристовски и Филип Лазаров, кои ќе се приклучат со задоцнување.

Капитенот на репрезентација, Кирил Лазаров изјави дека Македонија се наоѓа во тешка група и дека не треба да се брза со прогнози и заклучоци.

– Се наоаѓаме во една тешка група во која има репрезентации со високи амбиции, како Хрватска, Исланд и Шпанија. Тука има две непознаници, како Јапонија и Бахреин, со кои немаме играно, но од информациите кои ги добивме станува збор за незгодни репрезентации. На почеток сме на нов циклус, една нова, подмладена репрезентација. Прерано е да се даваат заклучоци, оптимистички или неоптимистички. Мислам дека треба прво да се собереме и да почнеме со тренинзи, па после да видиме- изјави ракометарот на француски Нант.

Лазаров смета дека сите треба да бидат целосно подготвени и да го демонстрираат најквалитетното од себе на претстојниот Мундијал.

– Од искуство знам дека ако сакаме да одработиме едно Светско, на кое се промени форматот, мора добро да се подготвиме и физички и психички и технички и тактички. Немаме многу време за таа работа и затоа не смееме да се впуштаме во некои ветувања. Мора да го демонстрираме најквалитетното од нас. Како и секогаш сакам да бидам позитивен и оптимист пред секое големо натпреварување – изјави Лазаров.

Македонија на Светското првенство ќе игра во група заедно со Шпанија, Хрватска, Исланд, Јапонија и Бахреин, а трите најдобри ќе продолжат во наредната рунда.