Задоволен сум од текот на Европското првенство. Ги посетив сите места каде што се играа натпреварите и воодушевен сум од она што го видов. Целта да ги разбудиме малите земји во целост е постигната. Финалниот меч ќе биде голем триумф за ракометот. Кога ќе погледнам назад, јас бев присутен на првото ЕП во 1994 година во Португалија, каде што имавме едвај илјада гледачи во салата, а мечевите беа пренесувани на една телевизија. Денес „зрачиме“ низ целиот свет и играме во сали во кои има и до 10 илјади гледачи, вели Видерер, првиот човек на европскиот ракомет

Мирко Постоловски
Специјално од Виена за „Нова Македонија“

Европското првенство, уникатниот турнир што првпат се игра во три земји, проект што е поттикнат од претседателот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), Михаел Видерер, е успешно. Малите земји зедоа активна улога, а финалето ќе биде ракометен спектакл, кој ќе биде триумф на сите инволвирани во ракометот. Во разговорот за „Нова Македонија“ во Виена, претседателот Видерер говори за емоциите, победите, публиката, како и за наредните предизвици пред кои е исправена европската куќа на ракометот.

– Задоволен сум од текот на шампионатот. Ги посетив сите места каде што се играа натпреварите и воодушевен сум од она што го видов. Моја беше идејата да се зголеми бројот на репрезентациите-учеснички, од 16 на 24, затоа што сметам дека има доволно квалитетни селекции во Европа што можат да одиграат на високо ниво. Салите се исполнети и атмосферата е прекрасна – го почнува разговорот Видерер.
Првпат европскиот собир се игра во различни држави. И тоа не во две, туку во три. Ракометот станува сѐ позначаен во последната декада. Ова Европско првенство (ЕП) наметна високи стандарди за градовите и за земјите-домаќини.

– Мора така да гледаме на работите. Денес барањата на организаторот (ЕХФ – н.з.) се огромни и една мала земја не може да одговори на сите барања – број на сали со поголем капацитет, техничка подготвеност за реализација на преносите, инфрaструктура што би одговорила на потребите на медиумите итн. Но затоа, пак, со овој систем можат две или повеќе земји да организираат едно големо натпреварување – вели Видерер.
Малите ракометни земји се будат. Покрај трите репрезентации-дебитанти на оваа сцена, домаќинот на првото ЕП 1994, Португалија, ги доживува своите најдобри моменти.

– Целта да ги разбудиме малите земји во целост е постигната. Особено ми е драго тоа што првпат на шампионатот учествуваа БиХ, Летонија и Холандија. Се покажа дека ракометот се игра со срце, желба и со верба во себе, која може да помести планини. Тоа најдобро го покажува селекцијата на Португалија, која дефинитивно е хит на овој шампионат. Очекувам интересни мечеви до крајот, кога ќе се одлучат патниците за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Јапонија годинава, како и за Светското првенство (СП) во Египет в година – истакна Австриецот.

Финалниот викенд од европскиот ракометен шампионат ќе се одигра на фудбалскиот стадион „Теле 2“ во Стокхолм (Шведска), кој за овој меч ќе биде дополнително подготвен и ќе има капацитет од 22.000 гледачи. Ракометот испишува историја.
– Финалниот меч ќе биде голем триумф за ракометот. Кога ќе погледнам назад, јас бев присутен на првото ЕП во 1994 година во Португалија, каде што имавме едвај илјада гледачи во салата, а мечевите беа пренесувани на една телевизија. Денес „зрачиме“ низ целиот свет и играме во сали во кои има и до 10.000 гледачи. Ракометот во последните дваесетина години се разви на доста добар начин и е на добар пат да го продолжи овој тренд – изјави Видерер.


Данците го критикуваат новиот систем

Ќе треба повеќе време ракометните репрезентации да се навикнат на новиот систем на натпревари ,кој овој пат ги елиминира селекциите на Франција, Данска, Македонија… Според поранешниот систем, доволна беше една победа за да се обезбеди пласман во главната, групна фаза. До минатото ЕП во таа фаза патуваа три селекции, а сега по две од секоја група. Гласни во критиките се Данците, кои со еден пораз од Исланд (31-30), со еден гол разлика, мораа да се спакуваат.
– Не може да го разбереме овој систем, па ние загубивме само еден натпревар и сме надвор од турнирот – велат Данците. 

Џентлменски договор на медиумската трибина

Големиот број новинарски екипи му создаваат дополнителен проблем на организаторот на медиумската трибина во Виена. Оттаму апелираат да не се резервираат места и џентлменски да им се отстапи просторот на тие на кои повеќе ќе им биде потребен. Места само за следење на мечевите има во поттрибинскиот простор. Исто така, забрането е седење на скалите, со што се попречуваат итните излези.