Фото: Маја Јаневска-Илиева

Селекторот Данило Брестовац нема да може да смета на тројца ракометари, а тројца нема да играат и за Финска на мечот вечерва во Скопје, во 1-то коло од квалификациите за ЕП 2022

Со денешните дуели од првото квалификациско коло, 32 репрезентации ќе ја почнат трката за обезбедување на едно од 20-те места што носат пласман на 15-то Европско првенство (ЕП) во 2022 година во Унгарија и во Словачка, на кое ќе учествуваат вкупно 24 ракометни селекции. Денешен противник на македонската репрезентација (20 часот, пренос на МТВ) ќе ѝ биде селекцијата на Финска, која најави амбиција и желба во својот 14-ти обид да го обезбеди своето прво учество на ЕП.
Проблеми со составот во пресрет на квалификациите има селекторот на македонскиот национален тим, Данило Брестовац, кој поради позитивни тестови на коронавирусот нема да може да смета и на тројца ракометари од скратениот список, а остана и без тројца тренери асистенти во својот стручен тим.
– Сметам дека уште имаме квалитетен тим со кој можеме сигурно да влеземе во новиот квалификациски циклус. Коронавирусот нѐ принуди да направиме неколку рокади во тимот, но верувам дека со максимален пристап и мотивирана и цврста игра во одбраната можеме да стигнеме до позитивен резултат во дуелот со Финска. Мора да обрнуваме повеќе внимание на младите ракометари во тимот, бидејќи доаѓаат вакви моменти кога нивната помош ќе ни биде неопходна – изјави Брестовац.

За репрезентацијата на Македонија квалификациите ќе бидат обид да го обезбедат својот седми настап на ЕП, односно шести во низа, на кои најдобар пласман е петтото место од ЕП во Србија во 2012 година.
И Финска ќе игра ослабена, бидејќи селекторот нема да може да смета на услугите на својот најдобар ракометар, централниот бек Нико Ронберг, кој заздравува од повреда на стомачниот мускул. Нема да играат и левото крило Бенјамин Хеландер и пикерот Робин Сјоман. Тие беа најефикасната тројка во победата над Грузија во претквалификациите за пласман на ЕП (на двата меча Ронберг постигна вкупно 13 гола, Сјоман 10, а Хеландер шест погодока).

– Верувам и се надевам дека пред нас е голема иднина. Сонот е јасен, но патот е долг и бара многу напорна работа и волја. Пласманот на ЕП е наша единствена цел, и одличен и возбудлив предизвик за мене како селектор. Имам тим што е во развој, составен од перспективни играчи со кои одлично се чекори по патот на поставената цел и остварување на сонот – изјави селекторот на Финска, Ола Линдгрен, за официјалната интернет-страница на Финската ракометна федерација.