Миха Пучник

Во новите засилувања добивме играчи со одлични индивидуални квалитети и верувам дека добро ќе се вклопат во нашиот систем на игра и работа, вели тренерот на Металург, Данило Брестовац

Словенецот Миха Пучник (30) и Португалецот Гонзало Риберио Грача (21) се новите ракометни имиња, кои заедно со Словенецот Александар Шпенде (28) во продолжението од сезоната ќе ги засилат редовите на Металург по заминувањето на Хрватот Халил Јагањац.

Пучник како и Шпенде, се ракометари што во своите јуниорски денови биле дел од младата репрезентацијата на Словенија, а јуниорски репрезентативен статус има и Грача, кој наедно е и првиот португалски ракометар, кој ќе игра во македонски тим. Сите тројца играат на левата бековска и на централната позиција, така што тренерот Данило Брестовац ќе добие далеку побогата ротација од претходно на надворешните бековски позиции, а исто така добива ракометари што играат во два правца – одбрана и напад.

– Среќни сме што за многу краток период и на половина мината сезона, успеавме да ангажираме тројца квалитетни ракометари, кои ги задоволуваат критериумите на нашиот стручен тим, за да се зголеми ротацијата во играта и кои ќе бидат соодветна замена за Халил Јагањац. Верувам дека со своето искуство и квалитет во голема мера ќе придонесат за подигање на квалитетот на играта на Металург во натпреварите во Лигата на шампионите (ЛШ), Регионалната лига (РЛ) како и плејоф-завршницата во домашното првенство – вели в.д. претседателката на Металург, Зорица Блажевска.
Словенецот Пучник во Металург доаѓа од редовите на белгиски Бохолт, а претходно бил дел од словенечките тимови Горење, Оромож и Марибор, додека, пак, Португалецот Грача од редовите на францускиот прволигаш Понтокомбо, а претходно две сезони беше дел од составот на португалска Бенфика.

– Во новите засилувања добивме играчи со одлични индивидуални квалитети. Од тоа што го видовме во неколкуте одработени тренинзи со екипата, верувам дека добро ќе се вклопат во нашиот систем на игра и работа и дека сите ќе бидеме задоволни од остварената соработка – изјави тренерот на Металург Данило Брестовац. 

Гонзало Риберио Грача