Ракометарите на францускиот ѕвезден тим на ПСЖ се единствените со максимален ефект од осум победи по осумте кола во Лигата на шампионите (ЛШ) сезонава. Шпанскиот гигант Барселона го има најдобриот напад во досегашниот тек од сезоната, со 33,5 гола по натпревар, а полскиот вицепрвак Висла ја има најцврстата одбрана, со просек од 25 примени гола по меч. ПСЖ, пак, го има петтиот напад, со 250 гола, но во групите А и Б ја има најдобрата одбрана (208 гола), а вкупно трета (помалку голови прими и Адемар).

Со победата над Левен, со 31-26, актуелниот шампион Монпелје конечно ја забележа првата победа сезонава, со што го прекина најдолгиот пост без победа на еден актуелен шампион во историјата на ЛШ. Барселона со 14 и Киелце со 12 се лидери во групата А, пред Левен и Вардар со по 10 бода. ПСЖ со 16 и Сегед со 13 бода ја имаат лидерската позиција во групата Б, каде што сите други тимови (Нант, Фленсбург, Скјерн, Целје, Мотор и Загреб) се со еднакви шанси за пласман во осминафиналето.

На две кола до крајот на групната фаза, во групите Ц и Д е изедначена трката за пласман на првите две позиции, кои носат место во баражот за осминафиналето. Во групата Ц значајни победи забележаа Татран и Спортинг. Словаците минимално славеа на гостувањето кај Силкеборг со 30-29, а португалскиот првак забележа победа над Чеховски Медведи со 33-31, па, така, Силкеборг, Татран и Спортинг сега имаат по 12 бода во групата Ц. Во групата Д, Висла со 12, Адемар Леон со 11 и Динамо и Елверум со по 10 бода имаат еднакви шанси за пласман во баражот.