Ракометарките на ЖРК Куманово ја совладаа ЖРК Стружанка со 32-14 на гостувањето во Струга во рамките на 14-то коло, со што ја постигнаа 14-та последователна победа во првенството по која останаа на челната позиција на табелата.

Денешниот натпревар ракометарките на Куманово го решија уште во првото полувреме кога направија позитива од 10 гола (15-5), а ефикасната игра ја продолжија и во второто полувреме, па на крајот сосема заслужено стигнаа до убедлива победа.

И на овој натпревар како и на претходните, новиот тренер на ЖРК Куманово, Ненад Краљевски, форсираше тимска игра за што говори и податокот дека на денешниот натпревар во листата на стрелците кај екипата на Куманово се запишаа дури девет ракометарки.

Во наредното 15-то коло ракометарките на Куманово на домашен терен се среќаваат со екипата на ЖРК Кузман Вардар од Скопје. Т.Д.