Фото: Емил Јовановиќ

Горди сме на оваа генерација млади ракометари, кои преку својата игра на теренот во целост ја отсликаа развојната стратегија на Металург, изјави Раде Стојановиќ, тренерот на Металург 2, откако по младинките, во неделата и младинците ја одбранија титулата првак на Македонија. За двата тима тоа беше четврта титула по ред

Младите ракометари на Металург 2 стигнаа до четвртата младинска титула во низа првак на Македонија, откако во драматичното финале на завршниот фајналфор-турнир во Охрид славеа на дуелот со екипата на Охрид со 31-30 (16-15). Третото место го освои КЛ-7, а четвртото Струга.
Претходно, првата годинашна државна титула во витрините на Металург, а исто така четврта по ред во младинска конкуренција, ја донесоа младинките на клубот од Автокоманда, кои во финалето пред две недели на завршниот турнир беа подобри од градскиот ривал Вардар (27-25).

Избраниците на тренерот на Металург 2, Раде Стојановиќ, одиграа одличен и борбен финален натпревар во неделата, во кој на дело ги презентираа квалитетот и репертоарот на играчи со кои располага Металург како клуб. Според старата создавачка практика на Металург, кога помладите ракометари и ракометарки се пуштаат во натпреварувачки систем во повозрасни категории и овој пат даде плод.

Ракометарите на Металург 2, од генерацијата родени во 2000 и во 2001 година станаа шампиони во конкуренција на ракометари родени во 1998 и 1999 година. Металурзите од генерацијата 1998/1999, пак, станаа носители на играта на сениорскиот состав на Металург во Лигата на шампионите и регионалната лига.

– Им честитам на играчите за борбеноста и за карактерот со кој ги одиграа двата меча од завршниот турнир, а особено за присебноста и за концентрацијата во последните две-три минути од финалето, кога останавме со три играчи во поле и успеавме да го запреме налетот на противникот и да славиме. Горди сме на оваа генерација млади ракометари, кои преку својата игра на теренот во целост ја отсликаа развојната стратегија на Металург, кој во секоја своја возрасна генерација може да се пофали со по двајца-тројца нови ракометни бисери што се подготвени да ги бранат боите на првиот тим на Металург – изјави Раде Стојановиќ, тренерот на Металург 2.

За оваа генерација ракометари на Металург 2 ова е втора по ред титула младински првак, откако истата генерација ја има и титулата кадетски првак на Македонија за сезоната (2016/2017), а дел од нив ја освои и шампионската титула во пионерска конкуренција (2016/2017).

Двете младински титули на Металург сезонава се само уште една потврда за епитетот што го носи Ракометната академија на Металург – ракометен расадник на таленти и репрезентативци. Металург со свои ракометари и ракометарки доминира во сите репрезентативни категории на националните тимови на Македонија, а доминира и според бројот на освоени шампионски титули во младинска, кадетска и во пионерска конкуренција. Во последните пет сезони, заклучно со сезоната 2017/2018, младите ракометари и ракометарки на Металург освоија 16 шампионски титули, плус две од сезонава, во која допрва следуваат шампионатите во кадетска и во пионерска конкуренција. 


Додиќ е МВП, Божиновски прв голман, тројца од Металург во идеалниот тим

Признанието за најдобар ракометар (МВП) на турнирот го доби централниот бек на Металург 2, Стефан Додиќ. Неговиот клупски другар Мартин Божиновски беше избран за најдобар голман, а Наум Костов од Охрид го заврши фајналфор-турнирот како најдобар стрелец со 18 гола.
Во идеалната постава на турнирот, покрај Божиновски, од Металург 2 место добија и левото крило Дарко Кондев и десниот бек Мартин Серафимов. Позицијата лев бек му припадна на Кристијан Симоноски од КЛ-7, централната и пикерската позиција ги зазедоа ракометарите на Охрид, Мартин Ивановски и Кристијан Димитриевски, а идеалната постава ја комплетира десното крило на Струга, Ненед Костевски.