Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ракометарите на Металург загубија од рускиот првак Чеховски медведи со 32-37 во заостанатиот меч од 5. коло во Лигата на Европа (ЛЕ), одигран попладнево во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.

Гостите од самиот почеток успеаја да стекнат предност од пет гола која ја одржаа до самиот крај, користејќи го преморот кај Металург кој одигра три европски мечеви во изминатите седум дена. Згора, екипата од Автокоманда во тие средби настапи со десеткуван состав поради повреди и коронавирусот.

Марко Тарабокија беше најефикасен на средбата со девет гола, додека Анреј Митиќ забележа седум гола за Металург без промашување од игра, а Василие Калуѓеровиќ додаде пет. Кај гостите најпрецизен беше Роман Осташенко со шест погодоци.

Металург има едно реми и шест порази во досегашниот тек на ЛЕ, додека Чеховски медведи досега оствари учинок од четири победи и два пораза. Металург гостува кај австриски Фајверс во следниот дуел од натпреварувањето.