Во изборот организиран од ЕХФ гласаа над 67.000 луѓе преку Фејсбук, Твитер и Инстаграм, а победија Мортенсен, репрезентативец на Данска и член на Барселона, и Романката Неагу од Букурешт, која славеше и лани

Данскиот репрезентативец Каспер Мортенсен и романската репрезентативка Кристина Неагу се избрани за играчи на годината во изборот на Европската ракометна федерација (ЕХФ), во кој гласаа ракометните симпатизери од целиот свет.
Ова е втора година како ЕХФ организира избор преку социјалните мрежи Фејсбук, Твитер и Инстаграм. Во првиот избор во минатата година, за 2017-та признанијата ги добија Лука Циндриќ, тогаш централен бек на Вардар, и, како и во вториот избор, левиот бек на Букурешт, Неагу.

Левото крило на Хановер, Мортенсен, беше најдобар стрелец во германската Бундес-лига во минатата сезона (2017/2018), со 230 гола. Во почетокот на сезонава се пресели во Барселона, со која го освои Суперглоуб 2018, а во досегашните 10 кола од Лигата на шампионите со 56 гола имаше значаен придонес во обезбедувањето на првата позиција во групата А на каталонскиот гигант.

Со селекцијата на Данска Мортенсен ја освои светската круна на 26-от ракометен Мундијал, кој се играше во јануари во Германија и во Данска, но поради тешката повреда што му се случи во финалето (кинење на лигаментите на коленото) предвреме ја заврши сезонава.

Втора година по ред признанието за најдобра ракометарка го добива Неагу, која победи во конкуренција на 11 ракометарки што беа прогласувани за „ракометарки на месецот“ во изминатата година.

Во изборот, кој се прави исклучиво само од гласовите на гледачите, гласаа околу 67.900 луѓе.