Генералниот директор на Фуксе Берлин и потпретседател на Германската ракометна федерација Боб Ханинг, предложи следната сезона натпреварите во Бундес-лигата да се играат со три периоди од по 15 минути

РАКОМЕТ – ГЕРМАНИЈА

Пред неколку дена Германската ракометна федерација објави крај на сезоната поради пандемијата на коронавирусот и веднаш почна со планови за реализација на новата сезон, која би требало да почне во септември. Нема да има испаѓање од лигата, па во следната сезона таа ќе има 20 клуба (38 кола). Поради можноста да се одложи и планираниот почеток на новата сезона во Бундес-лигата и потребата да се направи позбиен календар, генералниот директор на Фуксе Берлин и потпретседател на Германската ракометна федерација Боб Ханинг, предложи следната сезона мечевите во Бундес-лигата да траат 45 минути.

– Моментната ситуација ни е како гаснење пожар со жешко масло. Мора да најдеме начин како да си ја олесниме работата. Не треба да се фокусираме на тоа што не функционира, туку на тоа што функционира. Оттука е и мојот предлог за мечеви со три периоди од по 15 минути. Мора да бидеме креативни. Едноставното размислување нема да ни помогне – изјави Ханинг за германски СИД, а пренесе „Кикер“.
Идејата на Хенинг ја прокоментира извршниот директор на Бундес-лигата Франк Боман.

– Идејата на Ханинг, со која треба да се сменат правилата на игра, ќе може да биде сериозно разгледувана само ако Бундес-лигата нема да може да почне во предвидениот период, ако почетокот се оддолжи за неколку месеци. Така, скратената сезона ќе можеме да ја завршиме само ако играме групни турнири. Тоа би ни била последна опција – изјави Боман за СИД.
Турнирски систем е предлог и на тренерот на Фленсбург Мајк Макула.

– Паметно организирани кола мислам дека е добро решение. Сезонава игравме против Лудвигшафен, а 48 часа потоа против Левен во Манхајм, со што ги намаливме трошоците за патување и за дополнителна подготовка. Со турнирски систем на натпреварување можеме да им помогнеме на клубовите да ги намалат трошоците за патување, а екипите нема да плаќаат за сали во време кога немаат приход од влезници – вели Макула во разговор за германскиот „Спорт 1“.