Претстојното лето (19 јуни – 1 јули) во Охрид по пети пат преку 350 деца од Македонија и Европа ќе учат ракомет со најдобриот македонски играч Кирил Лазаров.

-Вистинските победници во животот се решени да направат разлика, било да е таа голема или мала и тоа е она што ги прави поразлични од другите. Со ова би го опишал нашето петтогодишно постоење и функционирање на високо ниво. Успеавме со многу посветеност, труд и ангажираност да направиме добар производ во кој се инволвирани најмладите односно иднината на нашата држава. Направивме тим на лојални, чесни луѓе со иницијатива, оптимизам и полни со ентузијазам. Се трудиме да ги воспитуваме и нашите деца од кампот во тој правец, затоа што денешниот успешен член на тимот е успешен утрешен водач. Поставивме цели кои се тешко дофатливи но сепак дофатливи. Благодарност до сите инволвирани во овој проект и се надевам на уште многу јубилеи во иднина- вели Лазаров, идеен творец на кампот „КЛ7“ и капитен на македонскиот национален тим.

Пријавувањето за петтиот камп започнува в понеделник на http://kl7.mk/kamp/prijava/

Секое дете но и тренер ќе подлежи на спортски медицински преглед од страна на тимот на д-р Жан Митрев , чија медицинска екипа ќе биде и 24 часовно медицинско обезбедување на кампот. Организиран превоз за сите учесници од Македонија, осигурување од несакани повреди , опрема од брендот „Хумел” чие заштитно лице веќе неколку години е Лазаров. Седум дена во хотелот „Аквалина” кој има идеална инфраструктура и содржини за реализација на спортски кампови и подготовки на спортисти професионалци, соопштија организаторите на кампот „КЛ7“. 

Кампот на капитенот своето прво лето го имаше во 2015 година со учество на 150 деца само од Македонија, што беше и првичната замисла на неговиот идеен творец Лазаров. Но, името и големите достигнувања на Кирил во светски рамки беа во фокусот на интересот и на децата надвор од границите на Македонија. Млади групи ракометари од Данска, Шветска, Романија, Словенија, Босна , Шпанија , Србија дојдоа во Охрид да учат од најдобриот десен бек на светот. Tој своето огромно акомулирано ракометно искуство несебично го споделува со сите децат, со оние кои првпат ја допираат ракометарската топка како и со децата на кои ракометот е дел од нивното секојдневие, ракометари кои во иднина треба да прераснат во врвни спортисти и личности за пример Дел од нив кои биле на овој камп денес ги бранат боите на Македонија.