Сезонава во Суперлигата ќе има 12 екипи, по 22. коло, шесте најдобропласирани ќе продолжат во разигрување за титулата, а другите ќе играат за опстанок

РАКОМЕТ

Со мечот Еурофарм Пелистер – Еурофарм Пелистер 2 (17 часот) почнува 30-та сезона во македонската машка ракометна Суперлига. За разлика од претходните 10 сезони кога македонските претставници во Регионалната лига се приклучуваа во разигрувањето за титулата, сезонава сите клубови ќе играат од почетокот на сезоната.
Во првото коло, македонскиот првак Вардар ќе го пречека дебитантот во суперлигашкото натпреварување, Скопје (од 18 часот), Струга ќе му гостува на Радовиш (18.30 ч.), Охрид ќе го пречека Тиквеш (18.30 ч.), а Бутел ќе ѝ биде домаќин на екипата на Прилеп (19 ч., пренос на МТВ). Дуелот Металург – Пролет е одложен. Во пресрет на новата сезона, Вардар ангажира девет нови играчи, Металург осум, Еурофарм Пелистер шестмина…
Сезонава Суперлигата за мажи ќе има вкупно 12 екипи, кои во првиот дел од сезоната ќе играат по двокружен бод-систем секој со секого (дома и на гости). По 22. коло, шесте најдобропласирани екипи ќе продолжат во разигрување за титулата, а екипите што завршиле од 7. до 12. место во првиот дел, ќе играат натпревари за опстанок во лигата. Последнопласираната екипа во плејаутот испаѓа во Прва лига, а екипата што ќе заврши на 11. место ќе игра бараж за опстанок со второпласираната екипа од Првата лига. Првопласираната екипа од Првата машка лига директно влегува во Суперлигата.


ПРВО КОЛО

Еурофарм П. – Еурофарм П. 2 17 ч.
Вардар – Скопје 18 ч.
Радовиш – Струга 18.30 ч.
Охрид – Тиквеш 18.30 ч.
Бутел – Прилеп 19 ч.
Металург – Пролет одложено