Покрај Металург и Вардар, за настап во плејофот сигурен е и Еурофарм Работник, а за уште три места ќе се тркаат Охрид, Пелистер, Пролет, Бутел и Струга

Со денешните мечеви од 15-то коло, Вардар јуниор – Пролет (12.30 ч.), Борец – Бутел (16 ч.), Радовиш – Пелистер (18 ч.) и Струга – Охрид (19 ч.) по зимската пауза ќе продолжи натпреварувањето во машката Суперлига во ракомет (дуелот Еурофарм Работник – Прилеп е одложен). До завршницата на првиот дел од домашното првенство има уште четири кола, а потоа следува поделба на лигата, на плејоф (лига за титулата) и на плејаут (лига за опстанок).

Во плејофот ќе разигруваат четирите првопласирани екипи од првиот дел од сезоната заедно со Металург и со Вардар, и сите тимови ќе почнат без бодови. Во плејаутот ќе настапат екипите што по првиот дел од сезоната ќе завршат од петтото до 10-то место во Суперлигата, а ќе продолжат со бодовите освоени во Суперлигата во меѓусебните дуели.

Единствена екипа, која покрај Металург и Вардар има обезбедено место во плејофот е Еурофарм Работник, која во есенскиот дел забележа 13 победи и едно реми (40 бода) и го има првото место на табелата. За преостанатите три места шанса за пласман имаат Охрид (30 бода), Пелистер (29), Пролет (28), Бутел (27) и Струга (22). Во лигата за опстанок сигурно ќе настапат Радовиш (12), Прилеп (10), Вардар јуниор (9) и Борец (0).