Микел Хансен беше најефикасен дански ракометар во финалето

Данска го освои Светското првенство (СП) во ракомет на импресивен начин, совладувајќи ја убедливо Норвешка на домашен терен со 31-22, во финалето одиграно попладнево во Хернинг.

Микел Хансен беше најефикасен кај Данска во финалето со седум гола, додека кај Норвешка предничеше Магнус Јондал со девет погодоци.

Хансен е прогласен за најкорисен играч на турнирот. Во идеалната постава на СП се наоѓаат Данците Никлас Ландин (голман) и Расмус Лауге (среден бек), Норвежаните Сандер Сагосен (лев бек), Магнус Јондал (лево крило) и Бјарте Мирхол (пикер), како и Германецот Фабијан Виде (десен бек) и Шпанецот Феран Соле (десно крило). 

Данците првпат се закитија со светското злато во нивното четврто финале. За Норвежаните ова е второ загубено финале на СП едноподруго, по поразот од Франција 26-33 во 2017 година. Франција сега стигна до бронзата по триумфот над кодомаќинот Германија 26-25.

Данска оствари максимални десет победи на Мундијалот, редум славејќи над Чиле, Тунис, Саудиска Арабија, Австрија, Норвешка, Унгарија, Египет, Шведска, а потоа и над доскорешниот светски првак Франција во полуфиналето и над Норвешка по вторпат, во завршниот дуел на СП.

Македонија го зазема 15-то место на Мундијалот. Следното СП ќе се игра во Египет во 2021 година.